Зголемени субвенциите за ориз без задолжителна употреба на сертифициран семенски материјал

Зголемени субвенциите за ориз без задолжителна употреба на сертифициран семенски материјал

Најновите измени кај  субвенциите за оризот се однесуваат на зголемување на висината на финансиската поддршка за производство на ориз без задолжителна употреба на сертифициран семенски материјал.

Со новите измени на Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2020 година (Службен весник на РСМ, бр. 313 од 29.12.2020 година) се предвидува висината на директните плаќања за ориз да изнесува 25.000 денари по хектар, односно 30.000 денари по хектар за земјоделски стопанства со пријавена површина за финансиска поддршка од минимум 5 хектари до максимум 50 хектари со или без задолжителна употреба на сертифициран семенски материјал согласно минимално употребена количина на семе по хектар.

Претходно во Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2020 година (Уредба за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2020 година), беше предвидено висината на директните плаќања за ориз да изнесува 25.000 денари по хектар, односно 30.000 денари по хектар за земјоделски стопанства со пријавена површина за финансиска поддршка од минимум 5 хектари до максимум 50 хектари со задолжителна употреба на сертифициран семенски материјал согласно минимално употребената количина на семе по хектар. Без задолжителна употреба на сертифициран семенски материјал, висината на директните плаќања за ориз беше поставена на 18.000 денари по хектар.

Со оглед на тоа што Институтот за ориз веќе подолг период не произведува сертифицирано семе, а порачката и увозот на сертифицирано семе од странство се комплицирани, претходната поставеност на условите за субвенции наидуваше на отпор од страна на оризопроизводителите.

Излегувањето во пресрет на барањата на оризопроизводителите и промените во финансиската поддршка се од огромно значење ако се земе предвид актуелниот проблем со ниските откупни цени за оризот. Несомнена е потребата од дополнителни финансиски стимулации, како важен фактор кој би можел да придонесе кон враќање на интересот меѓу младата популација за производство на оваа култура. Овој интерес меѓу младите е сѐ послаб низ годините, како и генерално интересот за земјоделство.

Иако „белото злато“ традиционално се смета за култура со стратешка важност за државата, особено за Источниот регион каде се произведува, податоците покажуваат дека површините засеани со ориз се дури двојно намалени во споредба со некои претходни години.

 

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.