Мерки за превенција од Тута абсолута – Сè што треба да знаете

Мерки за превенција од Тута абсолута – Сè што треба да знаете

 

Првиот запис за присуство на Тута абсолута (Tuta absoluta) во С. Македонија е во 2011 година во заштитените простори со домат. По потекло е од Јужна Америка и претставува штетник кој може да го загрози целокупното производство на што? Тута абсолута е штетник на доматот одгледуван на отворено или во заштитени простори. Регистриран е и на растенија од фамилијата Solanaceae. Има 10-12 генерации годишно и презимуваат во сите развојни стадиуми. Најголемите штети ги причинува во стадиум на ларва со вбушување во растителните органи.

Во период на достигнување на економската зрелост кај доматите и нивниот пласман на пазарите од исклучителна важност е правилната заштита од Тута абсолута која вклучува користење на ефективни хемиски материи и преземање на соодветни агротехнички мерки. За сигурно производство без намален квалитет на плодовите потребна е интегрирана заштита од овој штетник бидејќи има развиена резистентност  на голем број инсектициди. Со користење на инсектициди на кои е резистентен инсектот се зголемува и ризикот од уништување и на корисната популација на инсекти овозможувајќи непрекинат развој на Т. абсолута.

Агротехнички мерки за превенција и заштита:

  • Периодот помеѓу првата и втората култура во плодоредот да изнесува најмалку 6 недели;
  • Соларизација на почвата за намалување на бројот на микроорганизми и уништување на плевелите;
  • Користење на чист расад;
  • При производство во затворен простор, се препорачуваат мрежи со 0.5 мм дијаметар на отвор и користење на двојни врати со лепила (лепилата да се со жолта боја);
  • Користење на феромонски мамки 2 недели пред расадување (2-5 на декар);
  • Користење на обични мамки;
  • Користење на инсектицидни лампи во затворен простор;
  • Комбинација од хемиски методи со воведување на корисни предатори инсекти (Nesidiocoris tenuis, Trichogramma);
  • Чести визуелни проверки;
  • Отстранување и уништување на растителни остатоци.

инсектицидна ламба

При користење на хемиски методи се препорачува прскање во утринските или вечерните часови и кога е облачно за да се овозможи поголем временски период за навлегување на инсектицидот во ткивата на растението. Се препорачува користење на средства на база на силикон за подобар контакт. Инсектицидите што ќе се користат мора да имаат кратка каренца, да се со поширок спектар на сузбивање на штетни инсекти, како и намален ефект врз корисните инсекти (бумбари, пчели, итн.). Големата резистентност која ја има овој штетник ја намалува успешноста на одреден инсектицид и затоа се препорачува користење на средства со различна активна материја и механизам на дејство.

Автор: Марио Петковски

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Култури