Доколку помине новиот предлог Закон за пасишта се отвора можноста и странски субјекти, да закупуваат државни пасишта и тоа за 10 евра по хектар. Јавната расправа за законот е закажана за 2 јули по што ќе се утврди конечниот нацрт текст на законот пред да се стави на гласање во Собранието.
Една од поважните измени е токму уредувањето на начинот на кој странски компании и субјекти ќе може да вршат закуп на пасиштата со почетна цена од 10 евра по хектар и закупена површина од најмалку десет хектари.
Странските правни субјекти за таа цел ќе треба да регистрираат подружница, да се занимаваат со производство или да вршат научно-истражувачка дејност и да се запишани во единствениот регистар на земјоделски стопанства.
Во случај да сакаат да земат пасиште од три хектари и странските и домашните правни лица ќе треба да се регистрираат како вршители на земјоделска дејност или треба да се регистрирани како трговец поединец на кој земјоделското производство или преработката му се приоритетна дејност.
Пасиштата под закуп ќе се даваат на јавен оглас со организирање на јавно наддавање. Државата ќе ја утврдува почетната цена во постапка по јавен оглас за давање под закуп на пасиште.
„За површина до 10 хектари, просечната цена е во висина од 2,5% од просечна нето-плата исплатена за претходната година, но не е помала од 10 евра. Почетната цена по хектар во постапка по јавен оглас за површини над 10 хектари е во висина од 5% од просечна нето-плата исплатена за претходната година но не помалку од 20 евра“, стои во предлог законот.
Средствата од закупнината на пасиштата во државна сопственост ќе се уплатуваат на посебна сметка на ЈП Пасишта, а 30% од средствата прибирани по основ закупнина се приход и се реализираат преку програмата за инвентаризација.
За спроведувањето на одредбите на овој закон и прописите надзор ќе врши Државниот инспекторат за земјоделство.