ЕУ подготвена за климатскиот самит во САД: Постигнат договор за Европскиот климатски закон
По неколкучасовни преговори постигната е усогласеност помеѓу Европскиот парламент (ЕП) и земјите членки на ЕУ во врска со Европскиот климатски закон кој ја зацврстува определбата на ЕУ да постигне климатска неутралност до 2050 година. Оваа е значаен чекор кој ќе овозможи ЕУ да настапи со усогласени цели на климатскиот самит организиран од Претседателот на САД во текот на оваа недела.
Клучна тема на преговорите беа целите на ЕУ за 2030 година, а беше постигната согласност во врска со намалување на нето емисиите на стакленички гасови за најмалку 55 % до 2030 година, во споредба со нивото од 1990 година. Ова треба да стане и законска обврска за членките на ЕУ.
Согласно барањата на ЕП, преговарачите исто така одлучија да основаат независно научно советодавно тело, Европскиот научен советодавен одбор, кој ќе биде поддршка за креаторите на политики во врска со усогласувањето на политиките на ЕУ со целите за климатска неутралност. Ова новоосновано тело ќе обезбеди научно советување и известување за постоечките и предложени мерки и цели, како и буџетот за стакленички гасови. Европската агенција за животна средина ќе ја има улогата на секретаријат.
Целите за 2040 година ќе бидат предложени заедно со буџетот за стакленички гасови најдоцна во период од шест месеци по првата глобална евалуација на Парискиот договор во 2030 година. По 2050 година амбициите ќе бидат насочени кон достигнување на негативни емисии. Националните претставници на Советот на министри на ЕУ не се согласија целта за 2050 година да биде законска обврска за секоја земја, туку цел која треба да биде постигната на ниво на ЕУ како група.
Беше постигната согласност и во врска со тоа дека ЕК ќе помага при креирање на водичи за декарбонизација на индустриските сектори кои ќе имаат потреба од ова, како и споделување на најдобри практики и мониторирање на напредокот.
Според изјавата на претседателката на Европската комисија, Урсула ван дер Лејен, заложбите ЕУ да стане првиот климатски неутрален континент до 2050 година сега се ставени во законска рамка. Според Франс Тимерманс, извршниот потпретседател на ЕК одговорен за Европскиот зелен договор, постигнатата согласност во врска со целите и поврзаната легислатива е важен чекор кој ќе биде основа за креирање на политиките на ЕУ во наредните 30 години во насока на зелена обнова на ЕУ и општествено праведна зелена транзиција.
Извор: Euractiv
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.