Калемење на расад од зеленчук

Калемење на расад од зеленчук

Иако калемењето, како специфична техника во градинарството, почнало да се применува за заштита од почвени болести и нематоди, во светски рамки неговата примена сè повеќе е ориентирана кон добивање повисоки и поквалитетни приноси и како начин за совладување на биотските и абиотските стресови за оптимален развој на градинарските култури. Калемењето на расад од зеленчук започнува околу 1920 година на азискиот континент, а денес е најраширена практика во Азија, делови од Европа и средниот исток.

Калемењето подразбира соединување на делови од растенија по пат на регенерација на ткивата при што, кај добиената комбинација од растителни делови, се постигнува физичко и физиолошко соединување и таа продолжува да живее како индивидуално растение. Процесот на калемење вклучува четири постапки:

  • Избор на подлога и питомка
  • Создавање на калем
  • Зацелување на зоната на соединување
  • Аклиматизација и адаптација на новосодаденото растение

При изборот на подлога најголема улога имаат производителите, односно проблемите со кои тие се соочуваат во производството и кои евентуално би се решиле со примена на калемен расад. Затоа, од исклучителна важност за примена на оваа техника е да се познаваат интеркациите помеѓу практиките кои се применуваат и изборот на сорти за калемење, со цел да се изберат оптималните комбинации и да се оствари висок квалитет при производството. Различни подлоги, имаат различно влијание врз питомките како на пример отпорност кон еден или повеќе патогени, некои пак влијаат позитивно на приносот, но во исто време го намалуваат квалитетот итн. Понекогаш се јавува инкомпатибилност помеѓу подлогата и питомката што може да се манифестира и во структурата на ткивата, физиолошките и биохемиските процеси, фитохормоните итн.

Калемењето на расад од зеленчук е техника која може релативно лесно да се совлада. При тоа треба да се внимава на хигиенските услови во местото каде што се изведува калемењето, како и на хигиената на работиниците кои при работа мораат да носат гумени ракавици. Неопходно е опремата за калемење да биде стерилна и редовно да се дезинфицира, за да се елиминира ризикот од појава и пренос на болести.

Потребната опрема за рачно калемење е релативно ефтина инвестиција. За сечење се користат ножеви со остри сечила или жилети, а за прицврстување на спојното место најмногу се користат штипки, пластични цевчиња и керамички или бамбусови игли. Рачното калемење сеуште е најзначајно во производството и покрај тоа што процесот може да се забрза со примена на полуавтоматски или автоматски роботи за калемење кои се комерцијално достапни. Постојат повеќе методи за рачно калемење кои се применуваат во праксата:

  • Калемење на процеп
  • Калемење на врв (Јапонски метод на калемење)
  • Аблактирање
  • Калемење со шило
  • Микрокалемење

Изборот на техника зависи од видот на подлогите и питомките, искуството на земјоделците, работните условите со кои располагаат, но и од условите за нега на растенијата до пресадување на постојано место. Успешноста на одредена техника на калемење не е секогаш иста дури и кога се применува кај иста култура. Таа зависи од квалитетот и староста на расадот кој се калеми, лисната маса на подлогата, големината на допирната површина меѓу подлогата и питомката, притисокот на спојување и бројот на спроводни снопчиња во зоната на спојување.

Самиот процес на калемење треба да се одвива на свежо и тивко време. Потоа калемениот расад се сместува во комора за калемење со строго контролирани услови (температурата 25-28°C и релативната влага околу 90%). Првите три до четири дена расадот комплетно се засенчува, а потоа постепено се навикнува на дифузна светлина. Времето од калемењето до примањето на расадот е најкритичниот период и доколку не се одржуваат оптимални услови постои ризик од појава на болести. Во текот на оваа фаза треба да зарасне раната од калемењето, да се воспостават физиолошките процеси во подлогата и питомката и растението да се подготви за  пресадување на постојано место.

Калемењето на расад од зеленчук е перспективен начин за одгледување градинарски култури. Меѓутоа, примената на калемен расад е скапа инвестиција при што се проценува дека цената е за 3 пати повисока од класично произведениот. За остварување на максимален економски профит се препорачува примена во оранжериското производство каде може да се применуваат современи мерки и технологии на производство.

 

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.