Лозарите негираат политички мотиви – Не се почитува договореното за откупот
Протести, блокади и тони истурено грозје пред откупните центри. Лозарите од Кавадарци пред алармантна состојба, а откупот привремено беше сопрен. Што точно се случува со откупот на грозје? Според здруженијата на лозарите со кои контактираше Моја Фарма, дадените ветувања за повисоки цени не се почитуваат.
„Од година во година е се полошо за нас лозарите. Винариите не ги почитуваат договорените услови за откуп, не се знаат цените однапред или пак, тоа што претходно беше утврдено како цена не се почитува“, тврди Трајче Кулев претседател на здружението Напредни Лозари од Кавадарци.
Во меѓувреме министерот за земјоделство, Аријанит Хоџа, обвини за политички манипулации со лозарите во пресрет на локалните избори. Според Хоџа поединци ги предизвикале проблемите и прекинот на откупот.
„Сум кажал и на самиот почеток, кажувам и сега – додека јас го водам Министерството, политика во земјоделството нема да има, нема да се делат не само лозарите, туку и сите други производителите по политички бои. Жал ми е што тоа некои политичари се уште не го сфатиле, дури се обидуваат да добијат уште еден градоначалнички мандат на маката на лозарите. Жал ми е, зашто градоначалникот на Кавадарци го ценам како мој пријател. Не ми беше јасно што се случуваше тој ден. Но, со моја ургенција лозарите беа примени кај раковоството на „Тиквеш“ за да разговараат и веднаш потоа откупот почна, но изгледа тоа не им одговараше на поединци и повторно го прекинаа откупот“, истакна Хоџа.
Здруженијата на лозарите тврдат дека причините за незадоволството не се должат на политички мотиви. Според Кулев сите лозари кои излегле на протести имаат проблем со откупните цени кои се движат и до 8 денари, спротивно на договорените 11 денари за „смедеревка“ и 13 за „вранец“.
„Ги поддржуваме протестите на лозарите се додека не се создадат услови и вeтувањата дека ќе има исполнување, иако нашето здружение засега не се вклучува директно во протестите“, вели Кулев.
Претседателот на здружението Напредни Лозари од Кавадарци тврди дека не е коректно во сред берба да се прекине откупот на грозјето и очекува од надлежните институции да си стојат на зборот. Во претстојната медијација меѓу откупувачите од винариите и лозарите да се почитува вложениот труд и да се обезбеди цена која нема да предизвика економски загуби за лозарите од Кавадарци, посочува Кулев.
Винаријата Тиквеш која беше блокирана тврди дека на најтранспарентен начин ги објавила цените и условите по кои ќе го откупува грозјето, при што точно го навела и нивото на квалитет на грозјето што ќе го откупува.
„Винаријата и понатаму останува на својата определба дека нема да прави никаков компромис со квалитетот на грозјето што го откупува, затоа што на тој начин се штити и интересот на оние над 2.100 лозари со кои Тиквеш веќе има потпишано договори, а кои со макотрпна работа ги исполниле стандардите за квалитет на грозјето што им гарантира и многу повисока цена“, велат од Тиквеш.