Оризопроизводители од кочанско добија покани за суд, според нив ова е малтретирање
Девет оризопроизводители од кочанско добија покани за суд поради нивното учество на протестите организирани во септември минатата година. Здравко Арсов е еден од оризопроизводителите кои се најдоа на списокот, но тој вели дека она што било посочено тогаш од полицијата од нивна страна е испочитувано, па не можат да одговарат за настани кои се случиле подоцна. Според него ова е малтретирање и заплашување, пред одржување на еден од најголемите масовни протести со цел исполнување на барањата на оризопроизводителите.
„Да платиме немаме, ако сакаат да не затворат нека не притворат, ние немаме никаква одговорност, уредно беше пријавено, механизацијата беше во целост уредно отстранета од патот и потоа луѓето сами се собраа спонтано и ние овде не преземаме никаква одговорност. Ние нема да се браниме, немаме вина, не ни е потребен адвокат. Нас нè бранат уредно поставените и испочитувани барања“ – додава Арсов.
Прекршочните пријави пристигнале со образложение дека на протестот биле блокирани двете коловозни ленти на патот Штип – Кочани кај село Облешево. Како што додава Арсов до 12:30 часот, додека траел самиот протест, едната коловозна лента била слободна за минување, а откако тој го означил крајот се оградува од одговорност. Потоа се што се случувало било самоиницијативно од страна на револтираните оризопроизводители кои си ги бараа нивните права. Инаку, произведувачите на бело злато од кочанско најавија нов голем протест на ниво на државата доколку Владата и Министерството за земјоделство не ги слушнат нивните барања и не им излезат во пресрет на нивните проблеми.