Црногорската влада ќе ги ограничи цените на лебот и ќе дели бонови и масло

Црногорската влада ќе ги ограничи цените на лебот и ќе дели бонови и масло

 

Цените на лебот ќе бидат лимитирани од страна на црногорската влада, околу 25.000 домаќинства ќе добијат масло за јадење, а како помош на најсиромашните ќе бидат обезбедени и социјални ваучери.

Владата, на предлог на Министерството за економски развој (МЕД), треба да ги ограничи максималните малопродажни цени на лебот од бела пченица. Максималната малопродажна цена на лебот од бела пченица, тежок од 500 до 600 грама, според владиниот предлог, ќе биде 50 центи. За леб од 300 грама до 400 грама, максималната цена ќе биде 40 центи.

Според најавите, 70.000 литри масло ќе им бидат дистрибуирани на 25.000 домаќинства.

Минатата година во црногорските продавници дојде до зголемување на цените на лебот, брашното, маслото, шеќерот, месото, јајцата, млекото, а аналитичарите проценуваат дека тоа е последица на растот на светската побарувачка, како и намалувањето на производството на сончоглед, житарици и соја, предизвикани од појавата на пандемијата предизвикана од корона вирусот.

„Освен програмата за социјални ваучери, која претходно ја објави Министерството за финансии и социјална заштита, ова е уште една социјална мерка што решивме соодветно да ја спроведеме со цел да ја одржиме стабилноста за потрошувачите”, соопшти министерството, најавувајќи ги мерките за „смирување” на пазарот.

Социјалниот ваучер е наменет за посебна категорија на граѓани и ќе им овозможи да купат стока во вредност од 30, 50 и 100 евра во маркети што ќе бидат избрани на јавен повик.

 

Категории: Вести