Генетски модифицирани култури се растенија кои што се користат во земјоделството, но со изменета ДНК со помош на методи за генетски инженеринг. Принципот на создавање на ГМО растенија претставува воведување на нови особини кај растенијата, особини кои што обично не се среќаваат во природата. Постојат повеќе примери на растенија кои со помош на одредени методи станале резистентни на одредени инсекти, болести, надворешни влијанија, хербициди, со намален степен на скапување или со повисоки хранливи вредности.
Во светот, земјоделците сè повеќе ја прифаќаат технологијата за генетски инженеринг. На светско ниво, во 1996 година ГМО растенија биле одгледувани на 1,7 милиони хектари, додека пак во 2016 се одгледувале дури 185 милиони хектари на ГМО растенија. Најчестите видови на ГМО растенија кои се одгледуваат се резистентни на хербициди или отпорни на некои видови на инсекти.
Во 2014 година е извршена опширна анализа каде што е заклучено дека употребата на ГМО технологија ја намалила апликацијата на хемиски пестициди за 37%, го зголемила приносот за 22% и го зголемила профитот на фармерите за 68%. Од статистички гледна точка, ГМО растенијата навистина помогнале во намалување на трошоците и зголемување на профитот. Од научна гледна точка, постои консензус каде што е утврдено дека моментално достапната ГМО храна не претставува ризик за човечкото здравје, но секоја ГМО храна мора да биде тестирана за повеќе критериуми пред да биде претставена за употреба. Легалниот и регулаторниот статус на ГМО храна е различен во секоја држава, каде што некои држави ја забрануваат ваквата храна, додека пак други држави дозволуваат одгледување со различни регулативи и закони. Постојат и земји кои што изразиле несигурност во врска со ГМО растенијата и нивното влијание врз животната средина, безбедноста на храна и дали овие растенија се соодветни за задоволување на потребите за храна што оваа несигурност довела до забрана за одгледување во 38 земји во светот, вклучувајќи 19 во Европа.
Историја
Луѓето уште многу одамна директно влијаеле на генетиката на растенијата преку припитомување на диви видови. Првиот доказ за припитомување датира од 10.500 години пред нашата ера при што се пронајдени првите операции за сеидба и жетва на растенија соберени од природата и одгледувани во домашни услови. Преку мешање на слични видови, луѓето ги селектирале оние особини кои што им одговарале и продолжувале да ги одгледуваат одбраните растенија. Во 1875 година е создадена хибридна житарица со вкрстување на пченица и рж’.
Првата генетски модифицирана култура е тутунот. Со помош на паразитската бактерија Agrobacterium tumefaciens (предизвикува тумори на кореновиот систем), која има способност во генетскиот код на нападнатите растенија да вметнува дел од својата ДНК, каде што ги “презема ” инфицираните ткива, создава аминокиселини за своја потреба и се репродуцира. Во 1983 година наместо ДНК од паразитот бил вметнат ген кој дава способност за создавање на резистентност од хербициди. Растението (тутун) било заразено со Agrobacterium и на тој начин новиот ген се инкорпорирал во самите клетки. Подоцна, преку изолирање на клетка која го содржела новиот ген во лабораториски услови создале цело растение. Првите тестирања биле изведени во Франција и САД во 1986 година каде што навистина се докажало дека новиот хибрид на тутун бил резистентен на хербициди. Подоцна во 1987 година, исто кај тутунот, бил воведен нов ген од бактеријата Bacillus thuringiensis (Bt) кој продуцира инсектициден протеин и на тој начин бил создаден уште еден хибрид кој бил отпорен на инсекти.
Комерцијално одгледување на трансгенетски растенија првин е одобрено од страна на Кина во 1992 за одгледување на тутун кој е резистентен на вируси. Во 1994, на американскиот пазар бил воведен хибриден домат (Flavr Savr) со подолготрајно време за складирање.
Методи
За создавање на ГМО растенија биле развиени повеќе методи, односно техники. Тие се: употреба на ген-пиштол (gene gun), електропорација, микроинјектирање и техника со помош на Agrobacterium.
Ген-пиштолот претставува најкористена метода во процесот на создавање на ГМО растенија. Ситни честички од злато или тунгстен на кои што се прилепени делови од ДНК од посакуваниот генетски код кој сакаме да го внесеме директно се “испукуваат” во ткивото на растението кое ќе биде подложно на трансгенетска трансформација. Притоа ДНК-та се одделува од металот, ја пробива мембраната и влегува во јадрото на клетката. Оваа метода е успешно употребувана за многу култури, особено кај монокотиледоните (пченица или пченка).
Методата со помош на Agrobacterium е уште една користена метода. Бактеријата претставува типичен паразит на одредени растителни видови која има способност да трансферира сопствени гени во јадрото на нападнатите клетки и да предизвикува рак или тумори во зоната на коренот. Кога се користи за генетски инженеринг, генетскиот код кој предизвикува тумори се отстранува и се вметнува посакуваниот ген кој што сакаме да го внесеме во одредено растение. Бактеријата служи како преносител и методата се покажала особено добра при креирање на ГМО растенија кои што се дикотиледони (компир, домат и тутун).
Електропорацијата се користи кога растителното ткиво не содржи клеточен ѕид. Оваа техника овозможува навлегување на ДНК во микроскопски пори кои се создадени со помош на електрични импулси.
Микроинјектирањето претставува метода на директно инјектирање на туѓа ДНК во клетката.
Во последните неколку години, постојат иновативни методи за генетски инженеринг кои даваат уште попрецизни резултати (CRISPR и TALEN).
Автор: Марио Петковски
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.