Анализа на почва и методологии за земање на примероци во контекст на прецизно земјоделство

Анализа на почва и методологии за земање на примероци во контекст на прецизно земјоделство

 

Историски гледано, целта на земање примероци од почвата  е да се одреди просечната хранлива вредност на обработливата површина и да се обезбеди одредена мерка на варијабилност на хранливите материи во полето.

Главната цел на земање примероци од почвата во контекст на прецизното земјоделство е да се разберат нивоата на хранливост во почвата на одделни и различни области (зони) во полето кое е предмет на одгледување.

Преку анализа на примероци земени од почвата, земјоделските експерти и земјоделците можат да го разберат односот помеѓу нивоа на плодноста на почвата и другите својства на полето што може да се предвидат и да се измерат. Факторите кои влијаат на нивото на хранливи материи во почвата, а со тоа и одредувањето на пристапот за земање примероци на почва што треба да се користи, вклучуваат:

  •  тип на почва
  • топографија
  • историја на култури
  • апликации на ѓубрива
  • израмнување на земјиштето за наводнување
  • практики за управување со ѓубрива.

Процесот на статистичко земање мостри, во контекст на анализа на почвата, обезбедува информации за карактеристиките на популацијата (во овој случај група на примероци од почвата која ја претставува областа на теренот која е предмет на анализа). Добивањето репрезентативен примерок на почва претставува вистински предизвик. Грешките при земање примероци се почести отколку аналитичките грешки. Степенот до кој резултатот од анализата на примерокот покажува вистинска карактеристика на популацијата на почвата зависи од  точноста на земениот примерок.

Ако анализираниот примерок не е навистина репрезентативен, тогаш резултатот од хемиската анализа на почвата најверојатно ќе генерира вредности кои погрешно го опишуваат својството на зоната, а со тоа и полето кое е предмет на анализа. Оваа ситуација може да доведе до развој на несоодветни програми за исхрана на растенијата, повисоки трошоци или – во најлоши случаи – деградација на почвата.

Мострите мора да се земат на соодветни длабочини за да се обезбедат точни мерења на подвижните и неподвижните хранливи материи. Исто така со примероците треба да се постапува на начин кој ја минимизира контаминацијата и деградацијата.

Слика1: Пример за алатка за земање на примероци

Карактеристиките на популацијата се дефинираат врз основа на вредностите на различни микро и макро елементи во почвата (слика 2).

Слика 2: Микро и макро елементи во почвата, Слика 3: Автоматско земање примероци (десно)

Анализа на исхраната на растенијата се изведува за да се проучат хемиските елементи (азот, фосфор, калиум итн.) и соединенијата кои се неопходни за раст на растенијата, метаболизмот на растенијата и нивното надворешно снабдување со овие елементи. Анализата на почвата обезбедува увид во резервите на хранливи материи во почвата и може да се користи како водич за прецизно управување со култури – вклучително и специјализирана програма за исхрана, наводнување итн.

Земањето на мостри од почви е редовно применувана практика во земјоделскиот систем во западните земји веќе подолго време.

Сепак, во последната деценија земјоделските бизниси во Источна Европа покажуваат зголемена свест за користењето на податоци од почвата за подобрување на управувањето со култури. Ова е резултат на зголемената конкуренција во глобалниот земјоделски бизнис, недостигот на работната сила и зголемените цени на земјоделските инпути.

Методологии за земање на мостри

  • Мрежно земање на мостри

Развојот на специфични програми за исхрана на растенијата базирани на системи за глобално позиционирање (ГПС), кои се користат за спроведување на ѓубрење со варијабилна стапка (VRF), бара да се земаат примероци од почвата организирани во систематски мрежни шеми, односно мрежа на испресечени паралелни линии.

Слика 4: Мрежно земање примероци (лево), земање примероци по зона (десно) Извор: Cropwatch

Мапа за исхрана на растенијата, базирана на методологијата на мрежно земање на примероци, е вреден ресурс за програма за прецизна исхрана на растенијата, иако треба да се осигура дека густината на примероците е доволно адекватна за да обезбеди точност на мапите развиени од добиените податоци. Секоја апликација на ѓубрива со варијабилна стапка може потенцијално да ги промени нивоата на хранливи материи или pH на почвата со текот на времето. Сепак, некои параметри, како што се нивото на фосфор во почвата, нема да се промени драстично со единечна апликација на ѓубрива со варијабилна стапка на управување.

  • Земање на мостри по управувачки зони

Информациите за земање мостри по управувачки зони се создадени од повеќе извори на податоци.

Првиот слој на податоци треба да биде оној од примероците од почвата собрани во минатото. Дополнителни слоеви на податоци од попрецизно дефинирани зони се обезбедени од мапирање на принос, фотографии од воздух и слики од далечина. Овие дополнителни извори обезбедуваат информации за тоа каде земањето мостри може да помогне да се интерпретира варијабилноста уште попрецизно.

Утврдувањето на моделите кои покажуваат конзистентност од еден слој на податоци до друг (на пример, доследни информации за принос со податоци обезбедени од воздушните фотографии) дава појасна слика за ситуацијата на полето и таму каде што земањето мостри е најпотребно. Искуството стекнато од орање, одгледување, жетва и визуелната инспекција на полето претставува друг информативен слој што може да се користи за земање на зонски примероци. Клучните фактори кои влијаат на моделите се набивањето на почвата, длабочината на горната површина, наклонот, позицијата на пејзажот и текстурата.

  • Препораки за земање на примероци

Мрежното земање на примероци се препорачува, доколку претходното управување со култури значително ги промени нивоата на хранливи материи во почвата како резултат на интензивно арско ѓубрење, значително израмнување на теренот потребно за иригација или други екстремни земјоделски практики.

Употребата на зонско земање примероци е најпосакувана, ако се обезбедат дополнителни дигитални информации како што се мапи на принос, слики од дрон или сателит или други извори на просторни информации за анализа.

Овие податоци обезбедуваат информации за различните слоеви на едно земјоделското поле, што дава дополнителна димензија за креирање на стратегија за земање примероци. Оваа методологија е исто така препорачана во случаи каде што историјата за употребата на арско ѓубриво е ограничена или не постои.

 

Автор: Марио Петковски

 

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

 

 

Категории: Едукација