Промоција на заеднички бренд – „Алијанса на Премиум Производи“

Промоција на заеднички бренд – „Алијанса на Премиум Производи“

Меѓу народот кружи општоприфатената максима „Заедно сме посилни“. Дека ова не е само гола фраза, имавме можност да забележиме на настанот кој беше одржан на 01.06.2022 на кој за прв пат беше промовирана „Алијансата на Премиум Производи“.

Алијансата е составена од повеќе помали производители на ексклузивни македонски премиум производи, кои пред сѐ се природни, органски и чии суровини се произведени стриктно по највисоки стандарди на македонско поднебје.

Промотивниот настан се одржа на локацијата на производствениот објект на фабриката „Био Оил“ во скопско Радишани. Настанот имаше за цел да нѐ запознае подетално со проектот, односно да ни даде увид во тоа кои сѐ компании се приклучени во Алијансата, а присутните имаа можност да дегустираат дел од асортиманот на производи кои го нудат овие фирми.

Био Оил Алијанса на Премиум Производи

Ваквиот пристап на пазарот овозможи сите овие производители на премиум производи да настапат здружено под заеднички бренд, со заедничка дистрибуција, промоција и продажба на производите со цел поголема видливост и присутност на производите во малопродажбата. Овој модел беше препознаен како уникатен и поддржан од Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост (IME), финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка.

IME
SWISS

На самиот настан прикладни говори одржаа г-дин Александар Димитриевски, претседател на Алијансата и сопственик и управител на семејната компанија „Био Оил“ ДООЕЛ, Скопје. Имено, „Био Оил“ е еден од иницијаторите за ова окрупнување со цел подобро позиционирање и освојување на пазарот на ексклузивни производи, на кој (за жал) во овој момент доминираат странски компании и артикли.

Освен говорот на г-дин Димитриевски, прикладни говори одржаа и г-ѓа Габриела Митриќеска Мицевска, претставник на IME програмата (Increasing Market Employability Programme) и Анета Дамјановска, национален координатор, Амбасада на Швајцарија во Република Северна Македонија. Тие во своите говори се осврнаа на придобивките од окрупнувањето на овие релативно мали производители, велејќи дека овој бизнис модел ветува добри резултати, па поради тоа бил поддржан и од страна на IME.

001
002
003

Освен „Био Оил“, во Алијансата на Премиум Производи членуваат уште околу 10 други компании:

  • „Шу-Ми Берово“ (органски шумски мед),
  • „Биомелан“ (здрави и природни сокови од органски произведена аронија),
  • „Федор сапуни“ (100% природни сапуни),
  • „Јоми Фуд“ (македонски домашен ајвар),
  • „Нелкоски Органик Фуд“ со брендот „Заум“ (органски лешници),
  • „Роза Канина“ (алтернативна медицина),
  • „Саридис Натурал“ со „Охридско Макало“ (макало од лук по традиционален рецепт),
  • „Натуралес есТ – од 2001“ со своите првокласни оцети (обични, балсамирани, со мирудии)
  • „Евал“ со брендот „Туф“ (македонски тартуфи),
  • „Винарија Бади“ со своите висококвалитетни вина.

Во продолжение на настанот беа претставени производните погони на фабриката „Био Оил“ и нивните висококвалитетни ладно цедени масла од сончоглед и афион, природна козметика, а во поново време во листата на производи го додадоа и био-дизелот, со што го затворија производствениот процес и сега важат за фабрика со 0% отпад.

Интересно е да се напомене дека најнов член на Алијансата е винаријата „Бади“ од Кавадарци, со која било договорено учество во Алијансата само еден ден пред овој настан. На листата за приклучување во проектот моментално има уште еден бренд. Станува збор за „В’к“ – првата лозова ракија од семејна дестилерија со акциза за продажба.

Настанот протече во максимално пријатна атмосфера. Домаќините и нивните партнери беа на нивото на задачата. Секој производител имаше свој штанд на кој беа презентирани производи од сопствениот асортиман. Претставниците на медиумите и посетителите дегустираа од понудените производи, и имаа можност преку неформален разговор со производителите да дознаат нешто повеќе за нивните производи.

Според убавата енергија која беше споделена на овој настан и според уникатниот бизнис модел на оваа иницијатива – можеме слободно да претпоставиме дека Алијансата на Премиум Производи и понатаму ќе продолжи да се проширува со нови членови. Заедно, со заеднички сили и висок квалитет, најпрво ќе се тргне во поход на освојување на Македонскиот пазар, а се надеваме и на пазарите ширум Светот.

Во каква атмосфера пројде настанот можете да видите од галеријата подолу:

Категории: Вести, Слајдер