Битиќи – Стопанска комора: Ќе се интервенира за да нема драстични поскапувања на храната

Битиќи – Стопанска комора: Ќе се интервенира за да нема драстични поскапувања на храната

 

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи по средбата со извршниот директор на Стопанска комора на Северна Македонија, Антони Пешев и оперативната директорка, Билјана Пеева Ѓуриќ, истакна дека Владата во соработка со приватниот сектор будно ќе ги следи состојбите и ќе интервенира онаму каде што е најнеопходно за да нема драстични поскапувања на прехранбените производи.

Според Битиќи, стапката на инфлација е стабилна, и изнесува 2,7 отсто, со можни мали поместувања. Соодветно на движењата на берзанските цени, се прават стручни анализи од кои би можеле да произлезат автономни или системски мерки, кои би одговориле на предизвиците со кои се соочуваат преработувачите на кус или долг рок.

Претставниците на Стопанската комора укажаа на зголемените берзански цени на основните суровини и репроматеријали, а Битиќи соопшти дека Владата континуирано ги следи економските движења и во земјата и во светот, како и цените на основните производи.

-Соговорниците се согласија дека ќе продолжат со соработката за заштита на стандардот и благостојбата на граѓаните, наведе Комората.

Во Комората се одржа и средба на претседателот Бранко Азески, премиерот Зоран Заев и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски кои договорија трите страни да преземат соодветни активности.

Стопанската комора на Северна Македонија да го сублимира мислењето на компаниите, РКЕ да ги санкционира сите снабдувачи кои неосновано, непрофесионално и бесправно ги откажуваат веќе склучените договори со компаниите, а Владата да изнајде начин да им помогне на фирмите во рамки на можностите.

Претседателот на Стопанската Комора, Азески реагираше, укажувајќи дека покрај последиците од пандемијата, снабдувањето со електрична енергија во наредните години ќе биде актуелно прашање.

Поради покачената цена на струјата, Здружението за земјоделство на Комората предупреди дека храната се очекува да поскапи за 40 до 50 проценти, но и дека се уште не е доцна да се влијае и да се преземат соодветни мерки од државата кои би го ублажиле ударот од ценовниот шок врз потрошувачите. Побарана беше и конкретна финансиска поддршка за преработувачите.

Премиерот Заев, вицепемиерот Битиќи и министерот за економија, Крешник Бектеши, вчера изјавија дека состојбата будно се следи и дека ако треба, државата ќе интервенира.

 

Извор: МИА

 

Tags: цени