Битиќи: Тиквешијата се промовира како атрактивна туристичка дестинација

Битиќи: Тиквешијата се промовира како атрактивна туристичка дестинација

 

Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, Н.Е. Дејвид Гир денес присуствуваа на настан на кој беше промовиран потпроектот „Развој на ено-гастрономскиот туризам“ на „Тиквеш вински туризам“, кој се реализира во рамки на Проектот за локална и регионална конкурентност, со финансиска поддршка од Владата и Делегацијата на Европската Унија, во соработка со канцеларијата на Светска Банка.

Во своето обраќање на настанот, вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, посочи дека Северна Македонија има што да понуди кога станува збор за туризмот, а со реализација на Проектот за локална и регионална конкурентност, оваа понуда дополнително се збогатува. Тој истакна дека од вкупно 58-те потпроекти, 19 се реализираат од општините, уште 19 од микро, мали или средни претријатија, додека 20 потпроекти се изведуваат од здруженија и непрофитни организации, туристички организации, образовни институции или центри за обука.

„Со потпроектите на Проектот за локална и регионална конкурентност е опфатена речиси цела земја. Ова е еден од најзначајните проекти со кои се овозможени сериозни средства, со вкупна вредност од 18 милиони евра за конкретни проекти, од кои 3 милиони евра се од буџетот на Владата и 15 милиони евра од Европска Унија,  за што упатувам искрена благодарност до Делегацијата и граѓаните на земјите членки на ЕУ. Економскиот развој кон кој се стремиме започнува на локално ниво. Затоа Владата секогаш ќе биде поддржувач на вакви иницијативи, кои овозможуваат искористување на огромниот потенцијал што го има нашата земја за создавање конкурентни производи и услуги, привлекување на што поголем број туристи и промовирање на земјата како атрактивна туристичка дестинација“, нагласи вицепремиерот Битиќи, кој во рамки на Владата е задолжен за координација во спроведувањето на активностите на Проектот за локална и регионална конкурентност.

Проектот за локална и регионална конкурентност што го администрира Светска Банка е финансиран со вкупен грант од 21 милион евра. Средствата се обезбедени од Инструментот за претпристапна помош на ЕУ – ИПА II и од Владата на Република Северна Македонија во износ од 3,1 милион евра. На промоцијата на новата туристичка понуда присуствуваше и шефот на Делегацијата на ЕУ, Н.Е. Дејвид Гир.

„Преку Програмата за локална и регионална конкурентност, Европската Унија распредели 18 милиони евра за околу 50 проекти во областа на туризмот низ целата територија на Северна Македонија. Согласно приоритетите на ЕУ, оваа програма цели кон стимулирање на одржлив економски развој – преку спречување на прекумерна употреба и злоупотреба на природните ресурси – и кон создавање работни места за младите луѓе. Со своето вино, природна убавина, историски места и традиција Тиквешкиот регион со сигурност ги исполнува сите услови за совршена туристичка дестинација. Се надевам дека Тиквеш и сите други места низ земјата со туристички потенцијал ќе имаат добра летна сезона, што ќе го потпомогне опоравувањето на секторот“, истакна ЕУ амбасадорот Гир.

Во реализацијата на капацитетите кои се дел од новата туристичка понуда во тиквешкиот регион во рамките на потпроектот „Развој на ено-гастрономски туризам“ инвестирани се вкупно 315 илјади евра, од кои 148 илјади евра се обезбедени преку Проектот за локална и регионална конкурентност, додека останатите средства се обезбедени од „Тиквеш вински туризам“во соработка со, „Домен Лепово“ и „Барово“.

„Ми претставува задоволство што креативните идеи на нашите корисници на грантови успеавме да ги преточиме во успешни проекти со кои ја надградивме придружната инфраструктура и ја збогативме туристичката понуда со нови, иновативни сместувачки капацитети, содржини и активности, со што им овозможивме на различните типови туристи едно несекојдневно уживање во земјата, кои сѐ повеќе ја препознаваат Северна Македонија како привлечна туристичка дестинација, која што изобилува со природно и културно богатство, земја со традиции и обичаи, прочуена по добрата храна и вино и извонредна дестинација за адреналински спортови“, истакна Антонија Шишак, директорка на Проектот за локална и регионална конкурентност.

Проект менаџерот на „Тиквеш вински туризам“, Тихомир Касапинов нагласи дека новите капацитети, развиени во рамките на овој проект, нудат можности за престој во уникатни предели што изобилуваат со природни убавини и чист воздух, а на посетителите им нудат уникатен спој на врвно вино, одлична храна, одмор и рекреација.

„Целта ни е да создадеме иновативни содржини за развој на винскиот туризам и збогатување на понудата преку дополнителни активности, како што се велосипедските патеки низ лозјата во Барово. Од големо значење е финансиската поддршка што ја добивме од Проектот за локална и регионална конкурентност и искрено се надеваме дека успехот на овој проект ќе биде вистинско сведоштво за потенцијалот на оваа нова приказна што од денес почнуваме да ја раскажуваме“, истакна проект менаџерот на „Тиквеш вински туризам“ Касапинов.

Во рамките на потпроектот „Развој на ено-гастрономскиот туризам“ создадена е  нова современа туристичка понуда, пришто се креирани атрактивни содржини кои вклучуваат – камп со сместувачки капацитети во адаптирани вински буриња и нови велосипедски патеки на уникатната винска микро-локација Барово, атрактивно сместување на локацијата Лепово, како и мултифункционален вински бутик во Кавадарци, кој освен што нуди вино за продажба и дегустација, претставува и изложбен простор со инфо-центар, каде сите заинтересирани можат да добијат информации за туристичката понуда на тиквешкиот регион.

Категории: Вести