ВИТАЛИА СЕ ГРИЖИ ЗА ЗАЕДНИЦАТА: ДОНАЦИЈА ОД 600Kg функционални производи за социјално загрозените граѓани
Во три донаторски акции кои се одржаа од 16.11.2021 до 18.11.2021 година, преку платформата FoodShare во рамки на проектот PLOUTOS, беа донирани 600 kg во производи од асортиманот на „Виталиа Никола ДОО“. Виталиа, со својот имиџ на општествено одговорна компанија, несебично донираше производи од својата неодоливо вкусна програма. Краен примател на донациите се нашите пријатели од здружението граѓани „Во Мојот Свет“, здружението на граѓани „АДРА Македонија“ и здружението „Банка за храна Македонија“. Донациите во вид на безглутенски мусли и гранола барови, протеински мусли и гранола барови, како и мусли и колачи за појадок – изнудија насмевка кај крајните корисници, а особено кај најмладите кои им се израдуваа на овие слатки и здрави задоволства.
Од почетокот на пандемијата, ВИТАЛИА интензивно се посвети на донирање функционални здрави производи низ целиот регион, земајќи во предвид дека здравата исхрана е најсилна алатка во борбата против короната, бидејќи го зајакнува имунитетот, а со тоа и отпорноста од вирусни заболувања.
„Оваа ранлива категорија на граѓани секогаш е главен фокус на нашите општествено одговорни активности. Недостатокот на здрава храна која ќе го зајакне имунитетот, особено во овој исклучително тежок период на пандемија, е реален проблем кој го сфаќаме доста сериозно. Нашата цел е преку вакви донации да бидеме дел од активната борба против гладот, како и да го подобриме здравјето и квалитетот на животот на голем број семејства .“– изјавија од Виталиа.
„Во Мојот Свет“ претставува здружение за поддршка и третман на лица со аутистичен спектар и атипичен развој. „Во Мојот Свет“ се залага за подобрување и промовирање на подобри стандарди на живот на оваа категорија на граѓани, подобрување на социјалните права и слободи, едукација, пренесување на искуствата, исто така има заложби за подобрување на животната средина и екологија, поттикнување и подржување на научно истражувачка дејност и слично. Во доменот на интерес на здружението на граѓани „Во Мојот Свет“ се и зголемување на свеста кај граѓаните и општеството за подобро утре. Со ова, во Република Македонија ќе се создаде позитивна клима за адекватен третман на лицата со овие синдроми.
„АДРА“ е меѓународна хуманитарна организација основана во 1984 година. Активностите на организацијата се фокусирани на специфичните потреби на луѓето и општеството. АДРА во својата работа за развој и помош покрива пет главни области: обезбедување храна, економски развој, основна здравствена заштита, помош при несреќи и основно образование. Одговорност на АДРА е да биде гласот на правдата, сочувството и љубовта. Преку својата активна мрежа на канцеларии, АДРА дејствува во повеќе од 130 земји, каде развива програми за долгорочен развој и помош во итни ситуации.
Мисијата на Банката за храна МК се состои во собирање на вишоци храна од сите оператори со храна (производители, дистрибутери и трговци), нивно складирање, евиденција и дистрибуција до сиромашните и социјално загрозени категории наши сограѓани, во заедништво со сите организации, социјалните установи и институции кои исто така помагаат и се вклучени во борбата против сиромаштијата и гладот.
Како посредник во донациите се јавува Здружението „Платформа за зелен развој“ со својата дигитална платформа FoodShare. Платформата FoodSHare е развиена во рамките на проектот Ploutos_H2020. Со помош на оваа платформа вишокот на храна кој е соодветен за консумирање се донира на најзагрозените категории граѓани. Проектот истовремено ја поддржува локалната заедница и се грижи за животната средина.