Еколошката такса ќе собере 55 милиони евра од граѓаните – Што одлучи Владата?
Владата ја усвои одлуката за воведување на новата еколошка такса за нафтени деривати од 3,5 денари во зависност од видот на горивото. Истовремено донесена е и одлука за укинување на зголемувањето на акцизата за дизелот донесена уште во време на министерот за финансии Тевдовски. Со новата еколошка такса во државната каса до крајот на годината ќе се влејат 23 милиони евра со што ќе се пополнат „дупките” на приходната страна од ребалансираниот буџет.
„Оваа мерка никој не би ја донел во време на изборна година и треба граѓаните да знаат дека влијанието на оваа мерка нема да биде поголема од 0,07 проценти. Со падот на цената на нафтата на светските берзи се анулира висината на акцизата од 3 денари која ја воведовме заради ублажување на последиците од КОВИД-19 и со тоа навистина не се очекува поголемо влијание на цената заради еколошката такса“, тврди премиерот Заев.
Опозицијата спротивно од власта тврди дека оваа мерка ќе удри врз џебот на граѓаните и дека негативно ќе се одрази на инфлацијата со зголемување на цените.
Идејата на Владата е средствата собрани од еколошката такса да се пренаменат за зелени проекти односно директно да се користат за зелената агенда што претходно не беше случај со средствата кои се собираат од покачената акциза. Исто така и еколошките организации и здруженија на граѓани бараат посебен фонд за вложување во обновливи извори на енергија, справување со проблемот на загадување на воздухот и заштита на животната средина.
Со предложените измени се предвидува зголемување на еколошката такса, односно се предлага зголемување на давачката за увоз на нафтените деривати во земјата за 3,5 денари за моторен бензин со содржина на олово повисока од 0,013 г/л и за авионски бензин, гориво за дизел мотори, екстра лесно масло за горење и масло за горење М1, М2 (мазут), како и зголемување од 3,1 денар за моторниот безоловен бензин со содржина на олово до 0,013г/л како помалку загадувачки нафтен дериват во однос на останатите предвидени деривати. Исто така реагираа и стопанските комори кои сметаат дека нафтените деривати како основен инпут на секој бизнис ќе предизвикаат зголемување на нивните трошоци, но Владата и покрај јавно-приватниот дијалог ја усвои одлуката.
Се очекува да има влијание и врз земјоделското производство бидејќи исто така нафтата е меѓу основните инпути, па така и трошоците на земјоделците ќе се зголемат. Следен чекор ќе биде гласање за измените во Собранието каде со оглед на поставеноста на владејачкото мнозинство сосема извесно е дека владиниот предлог ќе биде целосно „заверен”.
Автор: Христијан Станоевиќ
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.