Здрава крава значи здрав румен – Зошто е битно правилното функционирање на руменот

Здрава крава значи здрав румен – Зошто е битно правилното функционирање на руменот

 

Протеините, неструктурните јаглехидрати (вклучувајќи скроб, сахароза и пектин), и структурните јаглехидрати (вклучувајќи хемицелулоза и целулоза) се соединенија кои што се релативно тешки за варење и освен преживарите сите други цицачи можат само делумно да ја искористат храната која што е составена од комплексни соединенија. Преживарите благодарение на бурагот можат скоро целосно да го искористат хранливиот потенцијал од комплексните соединенија.

Бураг наречен уште и румен (латински: rumen), преден желудник, е првата комора на желудникот кај преживните животни. Тој служи како примарно место каде се врши ферментација на дигестивниот материјал во целиот систем за варење.

Во сточарското производство, особено при одгледување на говеда за млеко и месо од исклучителна важност е нормално и здраво функционирање на бурагот.

При оптимални услови, во бурагот постои огромна популација на стабилни и активни микроорганизми кои допринесуваат кон висока ефикасност при варење на храната. Здравјето на кравата е во директна поврзаност со состојбата на бурагот и неговата ефикасност. Ефикасноста се мери преку степенот на киселост изразен во пХ. Најголемо влијание врз пХ вредноста има исхраната, способноста на кравата да ја контролира пХ вредноста и управувањето со исхраната од страна на земјоделецот. Оптимални вредности изнесуваат од 6.2 до 6.5 во текот на денот. При овие вредности, микрофлората во бурагот работи со најголема ефикасност и успешно создава хранливи материи спремни за искористување од страна на кравата. Доколку имаме намалена пХ вредност, во дигестивниот систем на кравата се создава суб-акутна ацидоза која што може да резултира со анорексија, дијареја, неправилна работа на срцето и во екстремни случаи може да доведе до изумирање на единката. Во производствен контекст, суб-акутната ацидоза предизвикува намалено производство на млеко, намалена плодност, маститис и куцање.

Начинот и содржината на исхраната има огромно влијание врз пХ вредноста и при правилна исхрана во текот на целиот ден со соодветен сооднос помеѓу грубата храна и концентратите ќе се овозможи и правилно функционирање на бурагот.

Освен производителот и самото животно може да ја контролира пХ вредноста во бурагот. Доколку имаме зголемено присуство на компоненти во исхраната кои што можат да произведат киселини, преку ѕидот на бурагот може да се апсорбира дел од овие компоненти или пак да бидат отстранети преку цревата. Исто така, контролирањето на пХ вредноста се врши и при процесот на преживање на храната. Плунката на кравите во својот состав содржи сода бикарбона и има пХ вредност од 8.2. Како резултат на високата пХ, присутната киселост во бурагот се намалува. Една здрава крава во текот на денот може да создаде и до 150 литри плунка. Исхраната со доволна количина на груба храна ги поттикнува кравите да преживаат и со тоа да создаваат поголеми количини на плунка. Обично, 40% од денот е потребно кравата да го врши овој процес за правилно функционирање на бурагот.

Најризичен период за настанување на зголемена киселост во дигестивниот систем на кравата е почеток на лактација. За производство на млеко е потребно поголема енергија која што се надоместува со зголемување на процентот на концентрати во исхраната. При оваа промена треба да се обезбеди правилен баланс во исхраната и често мониторирање за тоа дали кравите преживаат во текот на денот.

Како индикатори за неправилна функционирање на микроорганизмите може да се земе предвид промената во составот на млекото, односно намалување на вредноста на млечните масти или млечните протеини. Друг индикатор е и конзистентноста на изметот. Доколку изгледа прегуст или сув, тоа значи дека во исхраната има премногу влакна. Доколку има меурчиња или мукоза (лигава материја), значи дека има започнато ферментација на скроб во другите делови од дигестивниот систем и е предзнак за ацидоза.

крави

Правилна форма на измет од крава

Препораки за одржување на здрав бураг:

  • Пристап до свежа вода во поголеми количини – Кравите дневно пијат и до 100 литри на вода, особено се жедни по молзењето.
  • Правилни димензии на грубата храна – Сеното и сите други компоненти кои што се даваат за исхрана треба да бидат со должина од 2 до 5 центиметри за да се стимулира преживање, повторно џвакање на храната и доволно производство на плунка.

Конзистентност во исхраната – За микроорганизмите да се адаптираат на промените во исхраната потребно е од 4 до 6 недели и затоа треба постепено и планско менување на исхраната.

 

Категории: Сточарство