Зошто се одбележува светскиот ден на животните на фарма?

Зошто се одбележува светскиот ден на животните на фарма?

 

Секоја година 70 милијарди животни завршуваат во кланица за да го добиеме месото на нашите трпези. Затоа активистите за нивна заштита утре (1 октомври 2021 година) ќе го одбележат Светскиот ден на животните на фарма.

Светскиот синџир на исхрана е суштински врзан со масовното одгледување животни на фарма и експлоатација на живиот свет во водните површини. Брзиот раст на населението по Втората светска војна и промената на стратегијата за справување со гладот, развојот на земјоделството го насочи кон монокултури и масовно одгледување на животни на фарма, а последиците или негативните ефекти од овие политики се чуствуваат денес.

Во осумдесетите години по силниот раст на консумеризмот и економијата, започна ново движење за заштита на животните, особено тие што масовно се одгледуваат на фарма со лоши услови и третман.

Како официјален ден кога ќе се посвети внимание на животните на фарма одбран е 2 октомври, роденденот на Махатма Ганди, лидерот на индиското движење за ненасилен отпор на британската окупација. Секоја година се одбележува на или околу роденденот на Ганди кој се залагал за хуман и ненасилен третман кон сите видови на животни.

Во 1983 години започнува вегетаријанскиот активизам на Движењето за правата на животните на фарма (ФАРМ) и секоја година се бара хуман третман на животните, спречување на лошите услови со одгледување во масовни кафези, без нормален животен циклус на животните, бруталност и осакатувања.

Фармерската индустрија со години се соочува со притисок да ги подобри стандардите за одгледување животни, а кон граѓаните се упатуваат апели да станат вегани или вегетаријанци со исфрлање на месото од нивната исхрана.

Во последните години станува тренд и одгледувањето на животни на отворено без кафези, со хумано колење на грлата и нивно напреднување со природни состојки без концентрати и хормони за раст.

Сепак, веге активистите не се сложуваат со тие трендови сметајќи дека единствен пат за одржливост и во земјоделството и во справување со климатските промени е елиминација на месото од човечката исхрана.

На Светскиот ден на животните на фарма се повикуваат локалните активисти и граѓани да побараат подобар третман на животните и казни или затворање на индустриските фармерски капацитети кои ги осакатуваат животните и ги чуваат во неподносливи услови.

 

Автор: Христијан Станоевиќ

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.