Ново истражување од Вагенинген – Храна базирана на инсекти може да ја замени сојата во исхраната на свињите

Ново истражување од Вагенинген – Храна базирана на инсекти може да ја замени сојата во исхраната на свињите

 

Според истражувачите од Вагенинген, инсектите можат да ја заменат сојата како протеински извор во производството и одгледување на свињи. Изнаоѓање на соодветен и одржлив извор на протеини во исхраната на домашните животни сѐ повеќе и повеќе се фокусира на ларвите од мувата Црн Војник како најсоодветен избор во создавање на висококвалитетна храна. Покрај високата хранлива вредност, инсектот успешно може да се одгледува на органски отпад што успешно придонесува во намалување на вишокот храна и справување со нуспроизводите од прехранбената индустрија.

Мувата наречена Црн војник (Hermetia illucens), односно нејзината ларва може да биде идеална алтернатива на сојата. Високиот процент на протеини и други хранливи состојки, како и минималните потреби за негово одгледување го прави овој инсект достоен за да се вклучи во самата исхрана на животните.

Во истражувањето биле вклучени 2 групи на свињи, каде што едната група била со регуларна исхрана со соја како главен протеински извор, додека пак другата група била исхранувана со ларви од мувата Црн војник како главен протеински извор. Целта на експериментот е да се провери популациите и развојот на микроорганизмите кои што се наоѓаат во цревата и метаболитите кои што се создаваат во крвта. Со овие информации може да се утврди здравствената состојба на животните.

„Свињите што се хранеа со ларви од инсекти имаа зголемено ниво на бактерии Бифидобактериум, за кои се покажаа дека позитивно влијаат врз здравјето на луѓето и животните. Откривме и докази дека исхраната со инсекти може да ги потисне штетните бактерии. Понатаму, аминокиселинските метаболити во крвната плазма ја покажаа способноста на ларвите да обезбедат функционални својства што би можеле да бидат корисни за здравјето на свињите како и подобрување на перформансите, покрај нивната основна цел да обезбедат амино киселини како градежни блокови за синтеза на протеини “, вели д -р Кар, главниот истражувач во проектот.

Преку ова истражување може да се заклучи дека исхраната каде што главниот протеински извор се ларвите од мувата може целосно да ја замени сојата. Исто така, може да се заклучи и дека оваа исхрана е можеби и поздрава од исхраната со соја. Единствена препрека во овој момент е цената на производство на ларвите која може да биде од 2 до 3 пати поскапа за разлика од производството на соја. Но, со ова истражување се докажува потенцијалот на исхрана на животни со помош на инсекти и затоа понатамошните истражувања треба да бидат фокусирани на економично производство на инсектите.

Дополнително, вршени се истражувања за тоа како влијае исхраната базирана на ларви од Црн војник врз здравјето и благосостојбата на бројлерите во живинарското производство. Оваа статија можете да ја прочитате на следниот линк.

Категории: Вести, Сточарство