Како пХ вредноста на почвата влијае на растот и развојот на растенијата во земјоделството?

Како пХ вредноста на почвата влијае на растот и развојот на растенијата во земјоделството?

 

Реакција на почвата или почвената пХ е еден од основните параметри во земјоделството кои што треба да бидат регулирани за да се овозможат оптимални услови за раст и развој на културите и последователно да се добие максимален принос.

Што претставува реакција на почва?

пХ во буквален превод значи “потенцијал на водородот” и претставува мерка со кој се одредува алкалноста или киселоста на одредени раствори кои се предмет на испитување. Скалата на вредности се движи од 0 (максимална киселост) до 14 (максимална алкалност), додека пак вредноста за неутрален раствор е 7. Во случајот на почвите, кисели почви се сите оние почви кои што имаат вредност под 5.5, а за алкални се сметаат оние почви кои што имаат вредност над 8. Сите почви помеѓу овие две вредности се сметаат за помалку или повеќе неутрални.

Какви влијанија има пХ вредноста на почвата?

пХ е директно поврзана со присутните концентрации на хранливите материи во почвата и достапноста на микроелементите кои што можат да бидат апсорбирани од страна на растенијата. Иако се достапни во самата почва, кога имаме висока или ниска пХ на растенијата им е ограничен внесот на хранливите материи и покажуваат генерални симптоми на недостаток на одредени материи. Таквите симптоми можат да бидат хлороза, дамкавост, увртување на листови или пак појава на црвеникави и жолтеникави линии по должината на листовите. Исто така, реакцијата на почвата делува и врз активноста на микроорганизмите кои што создаваат достапен азот за растенијата, односно вредностите кои што се под 5.5 или над 7 можат негативно да влијаат врз азотофиксирачките бактерии и да се инхибира нивната активност што ќе придонесе кон намалување на достапниот азот во почвата. Освен дејството врз растенијата и бактериите, пХ реакцијата има влијание и врз структурата на почвата која најмногу е изразена врз глинените честички. Во оптималниот опсег на пХ вредноста (5.5-7), глинените честички имаат грануларна форма и полесно се обработуваат со земјоделската механизација, додека пак во услови на поекстремни вредности истите честички стануваат лепливи и ја прават почвата многу потешка за обработка.

Како почвената пХ влијае на растенијата

Како почвената пХ влијае на растенијата

Почвите подлежат на постепено закиселување кој претставува природен процес, но може да биде забрзан од страна на земјоделците. Интензитетот на закиселувањето е поврзан со структурата на почвата, атмосферски влијанија, извршување на одредени агротехнички операции и апликација на минерални ѓубрива. На веќе закиселени почви, апликацијата на минерални ѓубрива кои што во својот состав не содржат калциум, како на пример уреата и амониум сулфатот, можат значително да го нарушат пХ балансот и да допринесат кон уште поголемо намалување на вредноста.

Типови на култури и нивни оптимални пХ вредности

Типови на култури и нивни оптимални пХ вредности

Како се мери пХ вредноста на почвата?

Постојат два лесни начини да се одреди реакцијата на почвата кои што можат да дадат конкретни вредности или пак дескриптивни вредности. Еден од најточните методи за одредување на пХ вредноста е употребата на пХ метар, електронски уред кој е составен од читач и електрода и вредностите се прикажани со бројка на екранот од читачот. Другиот начин за одредување на пХ вредноста е употребата на ленти направени од  специјална хартија која може да ја менува бојата (црвена за кисела реакција и плава за алкална реакција) во зависност од реакцијата на почвата. Вредностите се одредуваат според интензитетот на бојата при што е потребно бојата  да се спореди со скалата која е понудена на пакувањето од лентите хартија. За оваа метода потребно е првин да се изготви воден раствор од почвата која што е предмет на испитување. Водениот раствор се прави во мал сад со помош на дестилирана вода и мала количина од примерокот почва.

Како да се справите со закиселена почва?

За да се намали киселоста на почвата потребно е да се изврши специфична агротехничка операција која што е наречена калцификација. Оваа операција ги регулира хемиските особини на почвата и ја доведува пХ вредноста до ниво кое што е потребно на културата. Сепак, оваа операција треба да се изврши плански и постепено, бидејќи наглата промена на пХ вредноста може негативно да се одрази врз активноста на почвените микроорганизми и хемиско-физичките својства на почвата.

Калцификацијата се изведува со помош на земјоделска механизација преку расфрлање на калциумови ѓубрива (вар, варовник, доломитно брашно, сатурациона мил и др.). За точно одредување на количината на употребеното ѓубриво потребна е консултација со експертско лице. Времето на извршување на оваа операција се одредува според отсутноста на културите на земјиштето кое што треба да се третира, односно потребно е земјоделското производство да е завршено, а почвата да е чиста. Обично тоа се изведува на лето по жетвата на зимските житни култури или пак во есен по жетвата на пролетните култури. Исто така, потребно е површината плитко да се искултувира и остави одреден период за да се овозможи активација на калциумот за да се создаде реакција со киселите јони кои што се присутни во почвата

Калцификација на полe

Калцификација на поле
Извор: Longcliffe

Автор: Марио Петковски

 

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

 

Категории: Култури