Контроверзниот хербицид Глифосат – проверен, но непожелен кај европските земјоделци

Контроверзниот хербицид Глифосат – проверен, но непожелен кај европските земјоделци

 

Во извештај од тест, кој неодамна беше нарачан од ЕУ – се тврди дека хербицидот глифосат не е канцероген или опасен за генетската структура. Како и да е, хербицидот веројатно ќе биде повлечен од пазарите во Европа.

Специјализираните власти од Франција, Шведска, Унгарија и Холандија дојдоа до јасен заклучок кога станува збор за глифосат: пестицидот не е канцероген, не ја оштетува генетската структура и не е опасен ниту за човечките органи ниту за хормонална рамнотежа.

Четирите национални власти ја проценија безбедноста на глифосатот во име на Европската комисија врз основа на резултати од претходни истражувања. Наодите беа потврдени од тестирачките органи ширум светот.

Како и да е, може да се претпостави дека хербицидот ќе исчезне од пазарот порано или подоцна. „Глифосат е социјално мртов“, изјави претставник на земјоделците во пресрет на денот на земјоделците во Берлин. Јавноста одамна го донесе својот суд – иако со цврсти научни аргументи, мнозинството потрошувачи не можеа да бидат убедени во безопасноста на супстанцијата. Пресудата од 2015 година на Меѓународната агенција за истражување на ракот, која припаѓа на Светската здравствена организација – сеуште се проткајува низ процесот на евалуација: Глифосатот е „веројатно канцероген“.

„Многу мала веројатност“

Не е за изненадување што производителот на глифосат, Баер, гледа поинаку на тоа и ги поздравува позитивните резултати од студијата кои беа објавени. Гигантскиот агрохемиски тандем Баер-Монсанто (чиј најпродаван хербицид „ROUNDUP“ е базиран на глифосат) исто така отфрла уште еден аргумент – дека хербицидот е директна закана на биодиверзитетот. „Оценетите научни студии, како и јавно достапните извештаи од истражувањата покажуваат многу мала веројатност дека при правилна употреба на пестициди кои содржат глифосат – може да се појават индиректни ефекти врз биодиверзитетот на повеќето синџири на храна“, велат од компанијата. Според портпаролот на Баер – направени се испитувања на ефектите врз микроорганизмите што живеат во почвата, црви, птици, опрашувачки инсекти како медоносни пчели, жаби и други водоземци, како и врз рибите. Па може ли да се случи глифосатот да се користи во Европската Унија и после периодот на одобрување што истекува на крајот на 2022 година? Многу аргументи говорат против тоа.

Федералната влада очекува глифосат да се повлече од употреба до 2024 година

Германското Федерално министерство за животна средина, предводено од Свења Шулце, очекува со сигурност дека веќе нема да може да се користат пестициди што содржат глифосат по завршувањето на едногодишниот преоден рок – 1 јануари 2024 година. Во предлог кој е ставен на гласање, до крајот на преодниот период, употребата на глифосат „може да се спроведе само ако нема алтернативни опции, на пример во случај на плевел што е тешко да се контролира или на подрачја подложни на ерозија“. Користењето глифосат во области од јавен интерес, како и во домаќинствата и обработливо земјиште земено под наем е целосно забрането.

Не се очекува понатамошно одобрување ниту на ниво на ЕУ

Федералната министерка за земјоделство на Германија, Јулија Клокнер, исто така, неколку пати истакна дека „е невозможно да се очекува да се обезбеди мнозинство за поддршка за продолжување на употребата на глифосат на ниво на ЕУ по 2022 година“.

Во 2017 година, спорот околу глифосатот меѓу министерствата речиси доведе до коалициска криза во Берлин. Различните проценки на коалиционите партнери во врска со актуелните случувања не се толку драстични. Има спротивставени мислења, но сепак различните гледишта се отворени за понатамошна дискусија.

„Пестицидите кои содржат глифосат се важни за зачувување на почвата и заштеда на вода за обработка на обработливо земјиште, особено во областите подложни на ерозија“, пишува портпаролката на Клокнер.

Портпаролот на Шулце, од друга страна, ги нагласува опасностите за биолошката разновидност: „Како тотален хербицид, глифосат ги уништува сите растенија без исклучоци и со тоа ја уништува храната и егзистенцијата за многу видови инсекти како што се пеперутките и, индиректно, за полските птици како што е полската чучурлига “.

Проценка на ЕУ се очекува во 2022 година

На европско ниво, Европската агенција за безбедност на храна (EFSA) и Европската агенција за хемикалии (ECHA) ќе започнат со јавни расправи на почетокот на септември – резултатите се очекуваат за една година. Баер АГ продолжува да се потпира на контроверзниот хербицид. Европа не игра многу важна улога како продажен пазар. Поважни се земјоделски развиените земји во Северна и Јужна Америка. Во САД, околу десет милијарди евра ќе треба спогодбено да се исплатат на 96.000 тужители кои сметаат дека глифосатот е директно одговорен за тоа што заболеле од рак, а повеќе милијарди ќе треба да им бидат исплатени и на идните тужители. Затоа, Баер сака да ја ограничи неговата употреба за приватни клиенти – но сметаат дека „Roundup“ треба и понатаму да се користи во земјоделството од големи размери. Предупредувачките известувања треба да бидат јасно видливи.

Хербицидот глифосат е развиен од подружницата на Баер, Монсанто, и се продава под брендот Roundup. Хербицидот е произведуван и од други компании, бидејќи патентот е веќе одамна истечен. Во САД Баер се соочува со околу 9.300 тужби заради хербицидот, затоа што глифосатот се смета за канцероген. Ова се базира на проценката на Меѓународната агенција за истражување на ракот (IARC), која, во 2015 година ја класифицираше активната состојка како „веројатно канцерогена“. Групата Баер секогаш нагласува дека глифосатот е безбеден кога се користи правилно и се потпира на голем број научни студии. На крајот на 2017 година, Европската комисија ги продолжи расправите околу одобрувањето на глифосат за пет години и сега треба да донесе нова одлука. Првата серија разговори треба да се одржи во септември, при што ќе бидат вклучени земјите-членки на ЕУ. Наспроти ова, Европската комисија ја повика групата за проценка на глифосат (составена од органи за тестирање во Франција, Унгарија, Холандија и Шведска) да подготви нацрт за проценка на ризиците. Овој нацрт од 11.000 страници беше доставен до Европската агенција за безбедност на храна (EFSA) и Европската агенција за хемикалии (ECHA) во средината на јуни 2021 година. Конечна препорака од EFSA може да се очекува во втората половина на 2022 година, откако ќе се испита поднесокот.

 

Извор:  https://www.tagesschau.de/wirtschaft/technologie/glyphosat-279.html