Кој е причинителот на црната дамкавост на виновата лоза?

Кој е причинителот на црната дамкавост на виновата лоза?

 

Виновата лоза е ранлива на многу болести, штетници и надворешни влијанија кои може да доведат и до уништување на целите насади. Една од најчестите болести на која треба особено да внимавате е црната пегавост односно некрозата на виновата лоза.

Оваа болест е распространета насекаде во светот. Потекнува од Америка, но со внесување на американски сорти на диви лози за борба против филоксерата (вошка-штетник) пренесена e и габата Phomopsis viticola – причинител на црната дамкавост на виновата лоза (екскориозата). Причината за интензивниот развој и големите штети што ги прави оваа габа во Европа се должи на поволните услови за развој, високата агротехника во лозарството и одгледување на поосетливи сорти. Затоа треба добро да се информирате за симптомите, како и за мерките на заштита кои треба да ги преземете уште во најраната фаза.

Габата Phomopsis viticola во Македонија за првпат била забележана на почетокот на седумдесеттите години во Богданци. На почетокот симптомите предизвикани од оваа габа најчесто биле препишувани на антракнозата која делува слично. Габата најчесто ги напаѓа листовите, ресата, грозјето и зелените ластари.

Заразата се остварува на првите 5 лисја каде што се развиваат дамки по листовите кои најпрвин се жолтеникави а подоцна изумираат и стануваат кафеави. Најкарактеристичните промени се гледаат на ластарите каде што се јавуваат издолжени и елипсовидни дамки.

Габата презимува и се оддржува во вид на мицелија и  пикниди. Пикнидите секогаш се развиваат на мртво ткиво и се со пречник од 0,2-0,4 мм. При влажно време и појава на дожд пикнидите се отвараат и ги испуштаат зрелите спори кои се способни да го инфицираат здравото ткиво. Тие можат да бидат разнесувани од дождовните капки и затоа најчесто инфекцијата настанува на првите листови и интернодии. Најмасовно ослободување на спорите настанува при потерување на лозата и развојот на првите 5-6 листа. Развојот на болеста се забележува во вид на жаришта во лозовите насади.

Симптоми на новите изданоци. Извор: https://www.cabi.org/isc/portfolio/compendia/normal/17205.img

Како мерки за заштита се препорачуваат превентивни, хигиенски и хемиски мерки. Остатоците од растителниот материјал треба да се соберат и уништат. Дури се препорачува уништување на цели лози кои подлегнале на деструктивното дејство на болеста.

Врз база на претходни искуства и литературата, најголем резултат покажало комбинираното аплицирање на бордовска чорба кое се изведува по кроењето. Од фунгицидните препарати можат да се употребуваат оние кои што се на база на активните материи фолпет, манкозеб, пропинеб и др.

Се надеваме дека со овој едукативен текст успеавме да ве запознаеме со црната дамкавост како и можните мерки за заштита. За повеќе детали следете ги нашите едукативни содржини за виновата лоза и лозарството.

 

Автор: Марио Петковски

 

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Култури