Македонската берза со рекордно голем профит

Македонската берза со рекордно голем профит

 

Вкупниот берзански промет се зголемува. Берзата урива рекорди. Кои се факторите за 42- процентното зголемување на берзанскиот промет во однос на минатата година?

 

Рекордно ниските каматни стапки за депозити и повисоката инфлација се главните причини за растот на берзанскиот индекс, велат брокерите. Изминативе десетина дена македонската берза бележи раст на пазарот на хартии од вредност. Вкупниот берзански промет од почетокот на годинава до почетокот на октомври достигна вкупно 159 милиони евра, што претставува зголемување од 42 проценти во однос на истиот период минатата година кога изнесуваше 113 милиони евра.

 

„Овој одличен деветмесечен статистички пресек речиси со сигурност навестува дека перформансата на Берзата оваа година ќе биде најдобра во последната деценија. Најдобар вкупен промет во последните десет години е постигнат во 2018 во износ од 169 милиони евра – сегашниот „кусок“ од 10 милиони многу веројатно ќе биде престигнат до крајот на годинава, пишува главниот извршен директор на Македонска берза Иван Штериев во кварталниот билтен на Македонската банкарска асоцијација.

Тој посочува дека овогодишното зголемување на вкупниот берзански промет примарно се должи на зголемениот промет со блок-трансакции со пораст од 172 % и тргувањето со обврзници со пораст од 269 %.

Поранешниот претседател на Одборот на директори на Македонската Берза Ѕвонко Станковски вели дека кварталните извештаи на компаниите покажуваат дека во изминатиов пост ковид период веќе има одредено стабилизирање и подобрување на финансиските резултати. Тој вели дека тоа довело и одредени компании да исплатат дивиденда, а други да најават дека ќе го сторат тоа.

Најтргувани хартии од вредност во овој период беа акциите на Комерцијална банка, со вкупен промет по сите основи од 48 милиони евра, потоа следат акциите на Алкалоид со вкупен промет од околу 10,4 милиони евра и акциите на НЛБ Банка АД Скопје со вкупен промет од околу 10,3 милиони евра.

Акциите на фармацевтската компанија Алкалоид во првите девет месеци од годинава пораснале во просек за 26 проценти во однос на лани, тој период. Растот на вредноста на акциите на фармацевтските компании е и глобален тренд засега.

 

Веста во целост можете да ја погледнете на следниов линк: Радио Слободна Европа

 

Категории: Вести