Дали новите грантови ќе направат бум во земјоделското задругарство?

Дали новите грантови ќе направат бум во земјоделското задругарство?

 

Во изминатите години се формирани дузина нови земјоделски задруги, но и натаму нивниот број е се уште низок. Мал е и бројот на здружени земјоделци преку задругите доколку се направи споредба со поразвиените аграрни земји од регионот или пак на европско ниво.

Затоа за поддршка на процесот на регистрација на нови земјоделски задруги државата продолжува да доделува финансиска помош преку грантови.

И оваа година Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој објави нов јавен повик.

Објавена е мерката за помош за основање и функционирање на земјоделските задруги. Мерката предвидува грант за плата за управители на земјоделски задруги и надоместок за ангажирање на стручни лица од областа на земјоделските науки и ветерината за потребите на задругата.

Корисници на финансиската поддршка се сите регистрирани задруги во регистарот на МЗШВ, а периодот којшто е опфатен е 01.01.2020 – 31.12.2020.

Краен рок за поднесување на барања 31 јули годинава.

oriz subvencii afpzrr

„Новоформираните задруги може да поднесат барање за покривање на трошоци за закуп на простории и објекти за задругата, набавка на канцелариски материјални, компјутери, набавка на компјутерски софтвери за планирање, управување, следење или контрола на работењето на задругата. Согласно критериумите за оваа мерка, новите и постојните задруги можат да аплицираат и за исплата на просечна плата за управителот на задругата, а задугите од голем обем може да добијат финансиска поддршка за ангажирање на стручен работник од областа на земјоделството или ветеринарство. Според Правилникот за мерката 131 „Економско здружување на земјоделските стопанства за вршење на земјоделска дејност“, првата година се покриваат 100 % од прифатливите трошоци што задругата ги направила за исплата на плати со намалување од 20 % во секоја наредна година во период не подолг од пет години“, појаснува Никица Бачовски директорот на АФПЗРР.

И Македонската асоцијација на земјоделски задруги упати повик до сите да учествуваат на повикот на АФПЗРР и да поднесат барање за мерката која овозможува економско здружување на земјоделските стопанства.

Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Програмата за рурален развој.

На овој повик може да се пријават сите земјоделски задруги кои се регистрирани во регистарот на земјоделски задруги при МЗШВ, согласно законот за земјоделски задруги.

Средствата од оваа мерка се неповратен грант, истите може да се користат за основање и функционирање на нови земјоделски задруги, како и за покривање на основните трошоци за постојните задуги.
Задругите кои ќе аплицираат за добивање на финансиска поддршка барањата треба да ги достават во оригинал заедно со целокупната пропратна документација наведена во барањето за финансиска поддршка. Проектите се одобруваат по принципот прв дојден прв услужен.

Еден корисник може да поднесе само едно барање за една мерка или најмногу две барања за различни мерки, земајќи ги предвид и останатите мерки од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2021 година.

Обрасците „Барање за исплата“ заедно со листата на потребни документи може да се симнат од веб страната на Агенцијата www.ipardpa.gov.mk.

Пополнетите барања за исплата на средства од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2021 година заедно со целокупната потребна документација се доставуваат во затворен коверт на кој на предната страна во горниот лев агол стои ознаката “НЕ ОТВОРАЈ“, за Јавен повик број 06/2021 и назначување на шифрата на мерката за која се поднесува барањето. Барањето може да се достави по пошта или лично во писарницата на Агенцијата, во спротивно Агенцијата не презема одговорност за ненавремено и некомплетно пристигнување во писарницата или предвремено отворање на барањето.

– Клучот за раст и развој е во здружувањето и заедничкиот настап, смета Бачовски.

Членувањето во задругата носи многу придобивки за земјоделците бидејќи се споделуваат трошоците, се добиваат подобри цени за пласман преку заедничка понуда, одлуките во задругата секој ги носи еднакво и како колектив многу полесно може да се настапи за остварување на заедничките интереси.

Затоа покрај мерките за финансиска поддршка за формирање и функционирање на земјоделските задруги и натаму треба да се работи на едукација на земјоделците за зачленување во задруги, кои се нивните права и можности, но и обврски кои ќе произлезат.

Земјоделците треба да се информираат и за европските фондови кои овозможуваат доделување на грантови за задругарско организирање и зајакнување на внатрешните капацитети.

 

Категории: Вести, Финансии