„ОДГЛЕДУВАМ МАКЕДОНИКА, ОДГЛЕДУВАМ НАШЕ!” – Кампања за заштита на автохтоната македонска медоносна пчела

„ОДГЛЕДУВАМ МАКЕДОНИКА, ОДГЛЕДУВАМ НАШЕ!” – Кампања за заштита на автохтоната македонска медоносна пчела

 

За да ја одбележат 10 годишнината од своето основање, Македонско здружение за заштита на автохтоната македонска медоносна пчела „Македонска пчела” ја започнува кампањата „ОДГЛЕДУВАМ МАКЕДОНИКА, ОДГЛЕДУВАМ НАШЕ”.

Целта на кампањата е подигнување на јавната свест за значењето од одгледување на автохтоната медоносна пчела, но и поттикнување на надлежните институции да посветат повеќе внимание на оваа тема и да ја продлабочат соработката со граѓанските организации.

Кампањата ќе се води преку социјалните мрежи. Предвидено е снимање промотивен видео спот, а доколку се создадат услови ќе бидат реализирани и средби и работилници „лице в лице” со сите засегнати чинители.

Популацијата на македонската медоносна пчела (Apis mellifera macedonica) кај нас е идентификувана и потврдена како автохтон подвид. Но, во последните неколку години зачестена е нелегалната продажба на пчелни матици од „увезени” комерцијални и неавтохтони подвидови на медоносни пчели со што се „контаминира”, односно хибридизира популацијата на автохтоната медоносна пчела. Хибридизираните пчели се со намалена виталност, потешко презимуваат и не обезбедуваат рентабилно пчеларење на подолг рок. Како најголем и најсериозен проблем од сето ова е нарушувањето на биолошката разновидност. Со ваквите негативни влијанија, пчеларскиот сектор се доведува во незавидна ситуација, со економски штети кои можат да бидат од голем размер.

„Иако во своето досегашно делување во насока на заштита на автохтоната медоносна пчела ЗГ „Македонска пчела” има добра соработка со повеќе фондации и граѓански огранизации од целата држава и странство, со дел од регистрираните одгледувалишта на пчелни матици, индивидуални одгледувачи на пчели, повеќе научно-истражувачки центри и државни институции, меѓу кои може да се истакне соработката со Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, Слоу Фуд Македонија, Министерството за економија, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, сметаме дека сеуште постои можност за подобрување и развивање на меѓусебната соработка. Само преку сериозен пристап кон оваа тема и преку заедничка соработка на сите засегнати страни и чинители, ќе се елиминираат голем број на несакани појави поврзани со нашата медоносна пчела“ – истакнуваат од Македонска Пчела.

 

Категории: Вести