Примена на дигитални технологии за одржливи системи за храна и одржливо земјоделство

Примена на дигитални технологии за одржливи системи за храна и одржливо земјоделство

 

Спроведена еднодневна работилница

Во организација на Здружението Платформа за Зелен Развој со поддршка на Земјоделскиот факултет при Универзитетот ,,Гоце Делчев” во Штип и АгФутура Технологии на 13.06.2023 година се одржа еднодневна работилница на тема: Примена на дигитални технологии за одржливи системи за храна и одржливо земјоделство. Настанот беше одржан во просториите на Земјоделскиот факултет при Универзитетот ,,Гоце Делчев” во Штип. На оваа работилница активно учество зедоа голем број на релевантни чинители од земјоделскиот сектор, прехарнбената индустрија и научната фела.

Од страна на Здружението Платформа за Зелен Развој беа претставени актуелните состојби со количините на вишок на храна кои се генерираат во земјоделското производство и индустриската преработка на прехранбените производи во Европската Унија и Република Северна Македонија. Беа презентирани  негативните ефекти кон животната средина и негативните економски последици  кои произлегуваат од вишокот на храна како и можни начини за нивно намалување. Во тој контекст беше претставен и проектот Плутос кој преку еден од своите пилот програми нуди решение за справување со вишоците на храна произведени на територијата на Република Северна Македонија и Република Србија. Станува збор за дигитална платформа Food Share Platform која овозможува споделување на вишоците на храна од земјоделството и прехранбената индустрија во форма на донации на храна преку поврзување на потенцијалните донатори со хуманитарни организации чија што дејност претставува дистрибуција на хуманитарна помош до ранливите категории на граѓани.

 

   

АгФутура Технологии имаше можност да ги претстави принципите на технологиите применети  во современото земјоделство и потенцијалните бенефити кои произлегуваат од нивната примена. Подетално и преку практични примери беа претставени методите на примена на беспилотни летала и далечински сензори за мониторинг на широк спектар на параметри значајни во земјоделското поризводство кои претставуваат основа на прецизното земјоделство. Сите овие технологии се дел од современ систем за далечински мониторинг и советување во земјоделството, воспоставен од страна на АгФутура Технологии, кој е моментално достапен на земјоделците и им обезбедува точни информации во реално време со цел оптимизација на производните процеси и зголемување на приносот.

 

Учесниците беа вклучени во конструктивни дебати од кои произлегоа заклучоци значајни за примената на овие технологии и нивно потенцијално подобрување во иднина, но и интерес за понатамошно зајакнување на мрежата на соработка помеѓу сите клучни чинители во областа.

 

Автор: Илија Поп Стефанија

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.