Основни информации за видовите на полиетиленски платна коишто се користат во изградбата на пластеници

Основни информации за видовите на полиетиленски платна коишто се користат во изградбата на пластеници

 

Првата употреба на полиетиленски платна во земјоделството датира уште од 1948 година. Веќе во педесетите години од минатиот век, започнато е со масовна употреба на овој вид пластика за унапредување на земјоделското производство.

Моментално, платната кои се користат во изградбата на пластеници, мулчови или пак ниски тунели – имаат дебелина од 80 до 220 микрони и различна ширина која што може да достигне и до 20 метри. Во зависност од технолошкиот степен на развиеност на фабриките за производство, како и земјите во коишто ги употребуваат платната тие можат да бидат еднослојни, трислојни или повеќеслојни. Утврдено е дека фолиите со различна боја влијаат врз температурата на почвата и воздухот околу растенијата, дури имаат придонес врз промената во однесувањето на различни инсекти кои директно и индиректно влијаат врз растот и развојот на културата. Обоените фолии се делат во две групи: селективни и неселективни во смисла на пропуштање на одредена бранова должина на светлината (фотосинтетичка активна радијација). Фолиите кои селективно ја филтрираат светлината од опсегот на фотосинтетичката активна радијација се наречени фолии пренесувачи на инфрацрвени зраци.

полиетиленски платна

Типичен изглед на пластеник од нашето поднебје

Во поголемиот дел од светот платната можат да бидат произведени од следниве материјали:

ЛДПЕ

ЛДПЕ (полиетилен со мала густина) е мек, флексибилен, лесен пластичен материјал. ЛДПЕ е познат по неговата флексибилност на ниски температури, цврстина и отпорност на корозија. Не е погоден за апликации каде што се бара вкочанетост, отпорност на висока температура и структурна сила. Често се користи и во медицински цели (протетика). ЛДПЕ има добра отпорност на хемикалии и удари и лесно се фабрикува и формира.

ЕВА

Етилен-винил ацетат (EVA), исто така познат како полиетилен-винил ацетат (PEVA), е кополимер на етилен и винил ацетат. ЕВА кополимерите се лепила кои се користат во пакување, текстил, лепење на пластични филмови, метални површини, обложена хартија и како редисперзивни прашоци во малтери и цементни рендери.

ЕБА

Етилен бутил акрилат е полиетиленска смола со мала густина која припаѓа на семејството на полиетилени. Соединението и неговите специјални кополимери првенствено се користат како лепила, посебно во индустријата за пакување. Бутил акрилат делот од соединението претставува течно органско соединение и се користи при процесот на полимеризација.

Главни карактеристики на полиетиленски платна кои се користат во изградбата на пластеници:

Издржливост

Пластениците можат да бидат оштетени од страна на светлината, топлината и хемиските супстанци коишто се употребуваат во производство. Нивниот животен век се движи од 6 до 45 месеци.  Нивната издржливост зависи од видот и својствата на материјалот од кој се направени, бројот на слоеви, додадени адитиви за стабилизација и од самата дебелина. Освен горенаведените работи коишто ја диктираат издржливоста, таа исто така и зависи од одредени параметри коишто ги диктира средината во која се изградени и тоа:  вид на материјал од кој е изградена конструкцијата (железо, дрво, пластика или друго), дизајнот на пластеникот (висина, вентилација, начин на фиксирање на платното), географски и метеоролошки параметри (интензитет на светлина, температура, дожд и висина), употребени агрохемикалии (состав на хемиските средства, честота и начин на апликација).

полиетиленски платна

Складирани полиетиленски платна коишто ја изгубиле својата функција

Пропустливост на светлина

Фотосинтетската активност директно зависи од брановата должина и количината на светлина која допира до растенијата. Таа мора да се движи помеѓу 400 и 700 нанометри и за таа цел полиетиленските платна мора да бидат целосно транспаренти за овој дел од брановата должина. Во случаи на висок интензитет на светлина на места коишто поретко имаат облачност (како што е Медитеранот) потребно е да се употреби платно коешто е заматено, односно во неговиот состав има додадено минерали или пак пигменти на бела боја. Со помош на овие супстанци се создава кршење на светлината, и директната сончева светлина прави помалку штета врз лисјата коишто се најмногу изложени.

Пропустливост на инфрацрвена светлина

Термичките полиетиленски платна коишто ја блокираат инфрацрвената светлина (помеѓу 7 и 14 микрометри) овозможуваат повисок степен на развој и забрзување на вегетативните етапи кај растенијата. Овој тип на платна можат да бидат создадени преку додавање на адитиви од минерално потекло или пак да се резултат со спојување на два вида кополимери (ЕВА или ЕБА).

 Спречување во создавање на капки

Еден од најголемите недостатоци на полиетиленските платна во градбата на пластеници е нивната хидрофобност, односно создавање на капки при процесот на кондензација. Капките можат да бидат идеално место за развој на патогени или пак да бидат помагатели во распространување на патогените при паѓање на почвата или пак при распрскување од едно растение на друго.

полиетиленски платна

На сликата е прикажано обично полиетиленско платно (лево) и платно кое спречува појава на капки (десно) Извор: Државен Универзитет Пенсилванија

Напредни технологии во производството на полиетиленски платна:

Блокирање на УВ светлина

Постојат одредени штетници и патогени кои имаат потреба од УВ светлина за да го продолжат нивниот развој. Болеста сивото гниење предизвикана од Ботритис цинереа има потреба од УВ за да може да создава спори. Од друга страна, штетниците како што е трипсот (вектор на вируси) имаат специјални УВ фоторецептори и при блокирање на овие зраци местото настанува неатрактивно и се фокусираат на места каде што има присуство на УВ светлина.

Блокирање на НИР светлина

Ова е потребно на места каде што температурата е висока во поголемиот дел од годината. Намалување на температурата може да се постигне со блокирање на сончевата светлина. Но, доколку се блокира целосната светлина фотосинтетската активност ќе биде намалена и затоа како најдобро решение е блокирање на НИР светлината која што се движи од 700 до 3000 нанометри.

Флуоресцентни платна

Нов вид на платна кои уште повеќе допринесуваат кон зголемување на активноста на растенијата. Овие платна во својот состав содржат флуоросцентни пигменти кои УВ светлината ја претвораат во нијанси на црвено или сино светло (овие бранови должини највеќе се искористени од страна на хлорофилот).

 

Категории: Вести, Култури