Топлотниот бран што ја зафати нашава земја беше причина да дојде до суша, која дополнително негативно влијаеше на наводнувањето на земјоделското земјиште. Намалените капацитети на вода и недоволната покриеност со системи за наводнување го загозија овогодинешното производство на сите култури.
Екстремно високите и надпросечни температури на воздухот, кои се одржуваат многу долг период, претставуваат апсолутно најнеповолна агрометеоролошка состојба во период кога голем дел од земјоделските култури се наоѓаат во интензивна вегетација.
Ваквите временски услови целосно ја дехидрираа почвата, а недостатокот на вода за наводнување дополнително ја влоши состојбата, од причини што и водостоите на реките и акумулациите се на многу ниско ниво, а дополнително и нивото на подземните води е драстично опаднато.
Загрозени се сите култури, и пролетните окопни и индустриски, градинарските, но и овошките и виновата лоза како повеќегодишни култури, особено оние каде нема никакви услови за било какво наводнување.
Ваквите временски услови ќе се задржат и во текот на наредната седмица со температури кои ќе достигнуваат повторно околу 40 Целзусови степени, суво време без врнежи, проследени со јужен ветер што дополнително ќе ја влошува состојбата.
Препорака до земјоделците е да ги искористат сите можни капацитети за наводнување, за да спасат барем дел од производството.
Мала промена на времето се очекува на крајот од наредната седмица со пад на температурите за околу 2-4 Целзусови степени, што е незначително во една ваква екстремно загреана атмосфера, информира Советодавениот центар за земјоделство и рурален развој.