Договорот помеѓу ЕУ и земјите од јужно-американскиот трговски блок Меркосур (Аргентина, Бразил, Парагвај и Уругвај), кој сѐ уште не е ратификуван, потпишан е во 2019 година, по многу долги преговори во траење од 20 години. Целта на овој договор е воспоставување на најголемата зона на слободна трговија што ЕУ некогаш ја има создадено, зона која покрива пазар од 780 милиони луѓе и либерализира поголем дел од земјоделската размена.
Главен проблем околу ратификацијата на овој договор претставува политиката поврзана со животната средина и дефорестацијата на прашумата во Бразил. Франција, Холандија и Австрија веќе објавија дека нема да го ратификуваат договорот доколку не се промени политиката која Бразил ја води во однос на животната средина, реакција што исто така беше поддржана од многу невладини организации. Според француската влада, предлог-договорот не предвидува обврска за земјите од Меркосур да се придржуваат кон практики кои ќе ја спречат дефорестацијата.
Иако не се за потценување придобивките кои овој договор би ги овозможил за фармерите и компаниите од ЕУ, сепак меѓу европските производители преовладува стравот дека договорот истовремено ќе овозможи влез на пазарот на ЕУ за гиганти од Бразил и Аргентина. Токму овие две земји го направија Меркосур една од најголемите житници на светот.
Увозот на прехранбени производи произведени со ниски стандарди претставува закана за европските земјоделски производители. Теми кои се актуелни во дискусиите во врска со договорот се: безбедноста на храна, фитосанитарните производи, гаранциите за квалитет, начинот на одгледување на животните и одржливата трговија со соодветни стандарди на животната средина. За европските производители е од особена важност да постои некаков вид на гаранција за реципроцитет и еднаков третман помеѓу ЕУ и Меркосур.
Според COPA-COGECA, унијата на двете најголеми земјоделски организации во ЕУ, договорот најмногу ќе се одрази врз живинарските производи, медот и оризот од сите земји во ЕУ, особено ирското и француското говедско месо, францускиот, германскиот, холандскиот, белгискиот и полскиот шеќер, како и медитеранското цитрусно овошје. Проблем претставува и разликата во контролата на штетници и болести помеѓу двата региона и токму затоа е неопходно да се преговара за дозволеното ниво на присуство на фитосанитарни производи. Додека во ЕУ постои легислатива во однос на одгледувањето на животните (сместување и третирање за време на транспорт и колење), во Бразил не постои ваква клучна регулатива.
Во однос на придобивките, договорот значи елиминирање на тарифите за 99 % од трговската земјоделска размена на ЕУ, додека земјите од Меркосур ќе го отворат нивниот пазар со елиминирање на тарифите за 88 % од земјоделските производи на ЕУ и 91 % од вкупниот извоз. Царинските давачки за овошје и зеленчук ќе бидат намалени, додека пак давачките за производи од соја ќе бидат целосно укинати. За компаниите од земјоделско-прехранбениот сектор во ЕУ, намалувањето на царинските давачки ќе се однесува на виното, алкохолот, газираните пијалаци, чоколадото, млечните производи, некои овошја и зеленчуци и маслиновото масло. Ова е добредојдено за многу организации на фармери од земјите на Меркосур, меѓутоа не и за организациите кои ги застапуваат европските фармери.
Трговскиот дефицит на Шпанија со блокот Меркосур во однос на земјоделско-прехранбените производи изнесува 2,8 милијарди евра, додека пак дефицитот на ЕУ во однос на оваа категорија на производи изнесува 13,859 милијарди евра. Иако во вкупната трговска размена со Меркосур ЕУ има суфицит, во делот на земјоделско-прехранбениот сектор земјите од Меркосур се привилегирани. Токму затоа земјоделските организации од Меркосур кои имаат придобивки од намалените тарифи за овошје и зеленчук го поддржуваат договорот.
Автор: д-р Викторија Илиева
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.