Со нов закон ќе се овозможи продажба на државното земјоделско земјиште – Што предвидува нацрт предлогот?
По најавите на премиерот Зоран Заев, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја започна процедурата за подготовка на Законот за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост. На ЕНЕР е објавен нацрт предлог законот(преземи) како и нацрт извештај(преземи) за проценка на влијанието на регулативата.
Оваа тема уште кога беше отворена во декември лани, доби критики од експертската јавност. Државното земјоделско земјиште, односно плодната почва, не треба да се продава лесно, бидејќи таа е од стратешки интерес за сите граѓани. Критиките беа во насока дека ќе се стават во неповолна положба помалите земјоделци, како и земјоделските задруги, а исто така ќе се овозможи и странци да учествуваат во откупот на државно земјоделско земјиште доколку се содружници во македонска регистрирана компанија.
МЗШВ објави дека ја започна постапката преку ЕНЕР со образложение дека „Бројните недоследности во Законот за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр. 87/2013, 106/2013, 137/2013, 61/2015, 97/2015, 215/2015, 53/2016 и 51/2018), оневозможуваат имплементација на законот во поголем дел, кои проблеми поради нивната обемност неможат да се надминат со изменување или дополнување на постоечкиот закон“.
Во Извештајот за проценка на влијанието на регулативата објавен на ЕНЕР, се наведува дека МЗШВ во изминатиот период од 7 години има предложено, а Владата има донесено 2 годишни програми за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост (2014, 2015) и ниту една Програма не е реализирана пред се поради законски недоречености и системски слабости меѓу кои може да се нагласат следните:
- Во Законот за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост пропишано е дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство најдоцна до 31 мај во тековната година става на јавен увид Предлог-програма за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост. Меѓутоа во законот недостигаат одредби за критериуми за изготвување на годишната Предлог програма за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост поради што Министерството се соочува со проблем; во кои региони, во кои површини и со кои карактеристики на земјиште (слободно, закупено, изложено, како блок или како катастрска парцела, инвестиции, вработувања,со или без насади), да биде вклучено во програмата а сето ова имајќи во предвид дека Министерството нема законска обврска, пред ставање на јавен увид, истата да ја достави на одобрување до Владата на РМ а со тоа и преку постапка пред Владата да се обезбедат насоки за истите.
- Во законот дадена е можност за приговори, предлози и иницијативи на заинтересирани лица по однос на Предлог програмата за продажба, но недостигаат одредби за одлучување по истите односно недостигаат критериуми за прифаќање или одбивање на иницијативите и одредби за начинот на кој тоа се прави (со решение, известување итн.) што доведува до ситуација да Министерството применува субјективен пристап при одлучување по однос на приговорите што може да доведе до судски постапки кој може да ја испроблематизираат имплементацијата на програмата.
Понатаму со законот наметната е обврска на Министерството задолжително да ја прифати иницијативата на закупец за продажба на земјоделското земјиште предмет на договорот и во рок од 20 дена да спроведе постапка за продажба и непочитувањето на оваа обврска предизвикува санкција за раководителот на надлежниот сектор во износ од 3-5000 евра, а за министерот од 5-7000 евра. Ваквата одредба е проблематична од аспект што не е дозволено Министерството да ја испитува основаноста на иницијативата, па може да се случи да се спроведе постапка за земјиште кое се уште не е изложено и за кое не постојат сигурни докази дека земјиштето е сопственост на РСМ, за земјиште за кое се водат судски спорови по разни основи или се водат постапки за трајна пренамена во градежно или постапки за денационализација, за размена или за консолидација, или пак за земјиште кое согласно законот не може да биде предмет на продажба (наменето за истражување, користење на Министертсво за одбрана, МВР, национални паркови) и сето тоа да доведе до проблематични постапки кои може да предизвикаат штетни последици за РМ ако се појават некои од наведените пречки во текот на постапката. Исто така не е прецизирано дали закупецот може да поднесе иницијатива само за дел од закупеното земјиште или мора за целото (за потсетување во МЗШВ има договори за површина и до 18.000 хектари) и ако може да се поднесе за дел од земјиштето, дали тоа може да се однесува за поединечна катастарска парцела или мора за цел блок со цел да не дојде до цепкање на блоковите, стои во нацрт извешјот за проценка на влијание на регулативата.
Исто така недостига одредба за повикување на продажба по предлог на закупец со цел да се даде мандат на Владата да донесе одлука за продажба бидејќи сегашното решение дава основ за донесување на Одлука за продажба само за земјиште кое е дел од програма за продажба.
За потенцирање се и роковите за спроведување на постапката за продажба кои од ставање на програмата на Јавен увид заклучно со донесување на Одлука за избор на најповолен понудувач потребни се најмалку 250 денови.
Со оглед на така долгите рокови за спроведување на постапката возможни се промени на статусот на земјиштето во текот на постапката (да се денационализира, да се пренамени во градежно, да се стекне определено лице со право на закуп по пат на легализација на земјоделски објекти, да се размени) што исто така може да го испроблематизира целиот процес, поради што е потребно да се предвиди одредба со која ке се пропиши обврска во Јавната книга на недвижности што се води во Агенцијата за катастар на недвижности уште при ставањето на Јавен увид на Предлог Програмата да се става прибелешка за земјиштето кое предмет на продажба и ке се воведе забрана за водење на други постапки врз тоа земјиштето или можност за иземање на определени површини од постапката во било која фаза од постапката за продажба.
Понатаму, проценката на земјоделското земјиште преку Бирото за судски вештачења е исто така проблематична имајќи ја во предвид долготрајноста на постапката па со тоа и валидноста на проценката на вредноста на земјиштето.
Исто така недостигаат одредби за прекин или поништување на постапката од причини кои може да се појават во текот на постапката, а кој недостаток исто така влијае на благовремено завршување на постапките.
Наведените недоследности во законот ја оневозможуваат неговата имплементација во целосен обем, а недостатоците се е од таков карктер што истите не можат да се надминат со измени на законот кои нема да зафатат повеќе од половината од постојните членови на законот, стои во објаснувањето на нацрт извештајот за влијанието на регулативата.
Временската рамка за изготвување на предлог законот ќе трае до 28 мај годинава, а засега нема најава за јавен увид. Засегнатите страни може да ги достават своите коментари преку ЕНЕР, преку состаноци и преку учество во работните групи формирани од Владата.
Според објавата на ЕНЕР целта на новиот нацрт предлог закон е „Низа на подобрувања на постапката за продажба на државното земјоделско земјиште во смисла на усогласување на рокови и времетраење на постапките, дефинирање на критериуите за избор на земјоделско земјиште во државна сопоственост за продажба, предвидување посебни постапки за приватизација на земјоделското земјиште кое е веќе издадено и земјиштето кое е слободно, земајќи ја во предвид и големината на парцелите, постоење на објекти и долгогодишните насади на државно земјоделско земјиште понудено на продажба и додефинирање на критериумите “.
Според евиденцијата на Агенцијата за катастар на недвижности – 577.662 ha се класифицирани како обработливо земјиште во земјата. Од оваа област, околу 240.000 ha или 41% од вкупниот дел се во државна сопственост и управувани од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Нацрт законот предвидува продажба на земјиште со минимална површина од 10 хектари, земјоделското земјиште не може да се преименува во градежно, а инвеститорот ќе има обврска да воведе развојна компонента, да отвори нови работни места и да вложува во обработка на откупената парцела.
Проценките на Владата се дека од расположливата површина која ќе биде ставена на продажба да се инкасираат околу 200 до 300 милиони евра во државната каса. Тоа значи дека инвеститорите, домашни физички и правни лица, но и домашни компании со странски капитал не повисок од 49% од уделот ќе може да откупат 10% до 15% од расположливата плодна почва во државна сопственост. Предност ќе имаат концесионерите, а цената ќе изнесува помеѓу 250 и 450 евра за декар.
Со предлог законот треба да се утврдат и критериумите под кои еден концесионер или инвеститор ќе може да откупи земјоделска почва во државна сопственост, како и постапките и начинот на склучување на договорите.
Според предложениот нов закон продажбата на државното земјоделско земјиште треба да започне од јуни годинава доколку решението помине во Собрание, а ќе трае до декември 2023 година.