Стратегијата за биодиверзитет на ЕУ

Стратегијата за биодиверзитет на ЕУ

 

Биодиверзитетот е исклучително важен за животот – од природата добиваме храна, лекови или материјали за градење; можности за одмор; ни овозможува да се чувствуваме убаво и да бидеме здрави. Недопрениот екосистем е предуслов за чист воздух и вода и е неопходен во борбата против климатските промени. Трансформацијата на отпад во нови ресурси, полинацијата, ѓубрењето на растенијата не би биле реални без добро одржан екосистем. Подобрувањето на условите и диверзитетот на агроекосистемите ќе ја зголеми отпорноста на овој сектор на климатските промени, ризиците поврзани со животната средина и социоекономските шокови, истовремено создавајќи нови работни места, на пример во органско фармерство, рурален туризам или рекреација.

Биодиверзитетот во Европа и во светот бележи критичен пад и се очекува да има големо влијание врз глобалната економија. Според неодамна објавен извештај на Swiss Re, најголемата компанија за реосигурување во светот[1] , многу од бизнисите зависат од природата  односно повеќе од половина од глобалниот БДП  се базира на функционални услуги поврзани со биодиверзитетот и екосистемот.  . Ова пред се се однесува на основни типови на услуги и добра како што се  снабдувањето со храна и вода и регулирање на квалитетот на воздух, клучни за здравјето и стабилноста на заедниците и економиите. Според Извештајот на Swiss Re, дури една петина од земјите во светот се изложени на ризик од колапс на екосистемот, што значи дека 20 % од земјите во светот се приближуваат кон критична точка во поглед на биодиверзитетот каде што основните услуги се изложени на висок ризик.

Во оваа насока се и податоците од Извештајот на Светскиот фонд за природа (The World Wide Fund for Nature)[2], според кој на глобално ниво постои просечен пад од 68 % во големината на популациите на животни, во периодот од 1970 до 2016 година. Овој тренд се однесува на набљудуваните популации на цицачи, птици, водоземци, влекачи и птици. Начинот на кој денес се произведува храна, енергија и материјали придонесува за уништување на живеалиштата на илјадници видови животински свет, опаѓање на популацијата и појава на болести.

Стратегијата за биодиверзитет на ЕУ која е објавена минатата година се фокусира токму на овие проблеми и има за цел да го стави биодиверзитетот во фокусот на стратегијата за економски раст на ЕУ. Стратегијата за биодиверзитет заедно со Стратегијата „Фарма до вилушка“  се во суштина на Европскиот зелен договор, клучен за  постигнување на климатска неутралност до 2050 година.

Една од клучните цели на Стратегијата за биодиверзитет е најмалку 30 % од копнените површини и 30 % од водните површини на ЕУ да се стават под заштита до 2030 година. Заштитените области треба да бидат подобро поврзани преку еколошки коридори и да бидат поефективно управувани. Стратегијата исто така се фокусира на обнова на нарушените екосистеми во цела Европа преку: зголемување на органското земјоделство и постигнување богат биодиверзитет на земјоделските површини; спречување на трендот на загрозеност на полинаторите (опрашувачи); обнова на најмалку 25.000 км од реките во ЕУ; намалување на употребата и штетното влијание на пестицидите за 50 % до 2030 година и засадување на 3 милијарди дрвја до 2030 година. Стратегијата предвидува одвојување на 20 милијарди евра годишно за заштита на природата преку различни извори, вклучувајќи ЕУ фондови, национални и приватни фондови.

Стратегијата за биодиверзитет има три основни столбови: заштита, обнова и имплементација. Заштитата се однесува на зачувување на шумите и полинаторите (на пр. пчелите), преку намалување на загадувањето, употребата на пестициди и поддршка на фармерите да применуваат агроеколошки и органски практики. Обновата се однесува на оштетените екосистеми и реки, подобрување на здравјето на заштитените хабитати и видови во ЕУ, трансформација на најмалку 30 % од земјиштето и водата во ЕУ во ефективно управувани заштитени области. Целите ќе бидат задолжителни со закон веднаш штом ќе бидат оценети како реални и ефективни во пракса.

 

Автор: д-р Викторија Илиева

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

 

[1] https://www.swissre.com/dam/jcr:4793a2c3-b50a-47c0-98df-ed6d5549fde8/nr-20200923-swiss-re-biodiversity-ecosystem-index-en.pdf

[2] https://f.hubspotusercontent20.net/hubfs/4783129/LPR/PDFs/ENGLISH-SUMMARY.pdf