Јапонија, своевремено лидер во унапредување на климата, денес на мета на критичарите заради употребата на јаглен

Јапонија, своевремено лидер во унапредување на климата, денес на мета на критичарите заради употребата на јаглен

 

Повеќе од 20 земји се согласија постепено да ја укинат енергијата од јаглен на климатските разговори на ОН во Глазгов, но не и Јапонија – „скок наназад“ за земјата која некогаш го трасираше патот за остварување на Протоколот од Кјото за намалување на емисиите на стакленички гасови.

На самитот COP 26 постигнат беше договор и дадени беа ветувања. Јапонија, третиот најголем увозник во светот на највалканите фосилни горива, одби да потпише затоа што треба да ги зачува сите свои опции за производство на електрична енергија, велат официјалните лица.

Овој потег на Јапонија беше оценет како кусоглед од страна на критичарите. Премиерот Фумио Кишида се согласи да компензира за овој потег, со тоа што ќе ги засили другите еколошки мерки.

„И покрај тоа што премиерот Кишида вети дека ќе насочи значајно зголемени средства кон унапредување на климатските промени, ние сме разочарани што тој не успеа да се осврне на најактуелниот проблем – зависноста на Јапонија од јаглен“, рече Ерик Кристијан Педерсен, главен менаџер за одговорно финансирање при данскиот фонд „Нордеа Асет Менаџмент“.

Критичарите ја потенцираат промената на околностите во Јапонија. Таа беше предводник во напорите за намалување на климатските промени за време на ерата на Протоколот од Кјото во 1990-тите. Сега Јапонија согорува повеќе јаглен и други фосилни горива по катастрофата во Фукушима пред 10 години, што придонесе многу нуклеарни централи да останат без работа.

Јапонија

Неисфрлањето од употреба на јагленот „ја врати Јапонија еден голем чекор наназад, сигнализирајќи им на термоелектраните дека можат да продолжат да работат врз основа на нови технологии кои сеуште не постојат“, рече Киран Азиз, одговорн за инвестиции во KLP, најголемиот пензиски фонд во Норвешка.

Кина, најголемиот светски извор на стакленички гасови добиени од употреба на согодување на фосилни горива, не го потпиша пактот, а претседателот Кси Џинпинг не присуствуваше на конференцијата. Земјата само соопшти дека ќе ја намали употребата на јаглен за електрична енергија за 1,8 отсто во следните пет години.

Јапонија вети помош од неколку милијарди долари за ранливите земји и за поддршка на изградбата на инфраструктура во Азија за обновливи извори на енергија и горива со почисто согорување. Исто така, Јапонија вети намалена употреба на јаглен, притоа зголемувајќи ја употребата на енергија од обновливи извори.

„Во Јапонија, каде ресурсите се дефицитарни, а земјата е опкружена со море – не постои единствен совршен извор на енергија“, изјави за Ројтерс Нобору Такемото, заменик директор на Министерството за индустрија. „Поради оваа причина, Јапонија не ја поддржува иницијативата за намалена употреба на јаглен“, додаде тој.

Минатата година министерството изјави дека ќе го забрза затворањето на погоните на јаглен до 2030 година, за подоцна да постави минимални прифатливи стандарди за ефикасност, барајќи од компаниите да поднесуваат годишен отчет за намалена употреба на јаглен во производството.

Но, компаниите се спротивставуваат на таквите планови, рече висок извршен директор на еден голем јапонски производител.

„Процесот се одложува и се одолговлекува бидејќи многу компании велат дека ваквите производствени погони сè уште се функционални, а енергенсите се поевтини“, рече извршниот директор,  додавајќи дека „дефинитивно е потребен лидерски притисок“.

Истражувањето на Ројтерс на јапонските термоелектрани кои сè уште работат со застарени енергетски погони на јаглен, вклучително и Hokuriku Electric Power и Hokkaido Electric Power, покажа дека повеќето од нив немаат донесено одлука за нивно затворање.

Hokuriku Electric планира да затвори само една единица за јаглен од 250 мегавати во 2024 година.

„Нашите термоелектрани на јаглен играат важна улога во одржувањето на стабилно снабдување со електрична енергија“, изјави портпаролот.

Hokkaido Electric, која затвори два погони на јаглен во 2019 година, нема планирано понатамошни затворања, додека другите пет анкетирани компании рекоа дека немаат конкретни идеи како ќе се одвиваат понатамошните процеси. Некои се обидуваат да користат почисти горива при согорувањето на јаглен, како што е амонијакот, како и други технологии за да продолжат да работат почисто.

„За Јапонските корпорации кои се залагаат за понатамошна употреба на јаглен, поважен е бизнисот, а не планетата“, рече Муцујоши Нишимура, поранешен висок функционер на јапонската влада и главен преговарач за климатските промени. „Тажно е да се види дека нема визија за подобра, поодржлива и поконкурентна Јапонија“.

 

Категории: Вести