3,5 милијарди денари за земјоделците но, дури во август – Ќе има трпение или револт?

3,5 милијарди денари за земјоделците но, дури во август – Ќе има трпение или револт?

Земјоделство ќе биде еден од најжешките сектори во наредниот период бидејќи планирани се повеќе промени и реформи, а ќе има и обиди за привлекување на поддршката од земјоделците во изборна година.

Тоа што најмногу ги загрижува дел од земјоделците се неисплатените субвенции за претходната година, а државата во некои случаи “борчи” и за исплата на средствата од 2018.

Крајниот предвиден рок за исплата на сите заостанати субвенции измина на 30 јуни. По пречекорувањето на рокот најгласни се сточарите кои и за време на Велигденските празници кога се вршеше откупот на јагнето но, и сега се меѓу тие кои го искажуваат револтот. Ова незадоволство кај дел од сточарите и земјоделците може да прерасне и во протести и блокади на патишта.

Власта сепак, покажува одредена доза на комоција. Свесна за стратешката важност на секторот, со ребалансот на буџетот вети дури 3,5 милијарди денари за поддршка на земјоделството и руралниот развој. Овие пари ќе се искористат за исплата на субвенции, директна поддршка преку АФПЗРР и доделување грантови.

oriz subvencii afpzrr

Според најавите на Никица Бачовски директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој во текот на август први кои ќе добијат исплати се токму сточарите, а пари ќе има и за градинарството.

Ќе се исплаќаат за основна мерка, а потоа ќе се распределуваат средствата за набавка на механизација, доделување грантови и апликации на општините за рурална инфраструктура.

Опозицијата, пак обвинува дека доцнењето на исплатата на субвенциите за 2020 година но, и претходните создава услови за осиромашување на земјоделците кои доцнат со исплата на нивните трошоци и влегуваат во долгови.

Цветан Трипуновски поранешниот технички заменик министер за земјоделство тврди дека субвенции чекаат сите категории на земјоделци, а пари за луксузни трошења на власта има. Дополнително обвини и дека воведувањето на еколошката такса е всушност кризен данок за да се пополнат дупките во буџетот и планираниот ребаланс, но исто така оваа мерка ќе ги зголеми трошоците во земјоделството, а ќе предизвика и пораст на цените на храната. 4.13 денари плус за секој литар гориво е удар по џебот на земјоделците.

Ребалансот кој влезе во собраниска дебата предвидува за 20 милиони евра повеќе средства наменети за земјоделството и руралниот развој. Досега се поднесени над 200 амандмани од страна на опозицијата. По завршувањето на комисиската расправа се очекува владејачкото мнозинство да го усвои ребалансот на Буџетот за 2021 година.

Носењето на одлуката во Собранието за воведување на еколошката такса за горивата ќе се одвива по скратена постапка за што опозицијата нема голем простор да прави блокади со илјадници амандмани.

Х.С.

Категории: Агро Политика, Вести