Колку останува за македонскиот сточар од реалната извозна вредност на јагнето?

Колку останува за македонскиот сточар од реалната извозна вредност на јагнето?

 

Актуелна тема во сточарството периодов е ниската oткупна цена на јагнето. Просечната цена по која се откупува јагнето е 140 денари, додека максималната е 150 денари по килограм жива мера. Според здруженијата на сточари, цената на откуп не треба да  биде под 170 денари. Дали нивните барања се реални?

Потсекторот овчарството од 2004 година бележи постојан пад на грлата овци. Од 1,4 милиони грла во 2004 година, вкупното стадо во 2019 година е намалено во просек за 43%. По наглиот пад од 2004 година кој е нормализиран во 2009 година, секторот бележи одредена стабилност на стадото кое брои околу 700 илјади грла.

Секторот годишно извезува во просек 2.441 тони заклано јагнешко месо со просечна годишна вредност на извоз од 12,11 милиони евра. Во просек од 10 години секторот покажува пад на количеството на извозот од 9% и пад на вредноста на извозот за 15% во однос на 2010 година. Во 2011 година секторот бележи најдобри резултати со извезена количина од 3.079 тони и вредност од 16,22 милиони евра. Оттогаш секторот бележи постојан пад во количина и вредност.

 

Падот на вредноста на извозот на јагнешкото месо е воден и од падот на количеството на извоз, како и од падот на цената на извозот. Просечната цена на извезено јагнешко месо во последните  10 години изнесува 4,96 евра и во однос на 2010 кога цената била 5,24 еур/кг, цената на извоз паѓа во просек за 6% секоја година. На европскиот пазар во 12 недела од 2021 година, просечната цена на заклано јагне над 13 кг изнесува 6.812 еур (420 денари) и 6.051 еур/кг (373 денари) за јагниња под 13 кг.

 

Разлика помеѓу моменталната откупна цена која во просек е 2,27 еур за килограм жива мера и просечната извозна цена на заклано јагне од 4,96 изнесува 2,69 еур односно 165 денари. Ова е износ кој во синџирот на вредноста на овој потсектор се распределува на откупувачите, кланиците и транспортерите.

 

Автор: м-р Благоја Муканов

 

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Пазари