Како ќе се движат цените на пазарот на вештачки ѓубрива во наредните години?
Во мај Светска банка го објави извештајот за движење на цените на основните суровини во земјоделството за период 2021-2035. Во првиот квартал од 2021 година индексот на цените на ѓубрињата скокна за 24 %. Во најава е стабилизирање на пазарите.
Светска банка го објави извештајот за движење на цените на основните суровини во земјоделството за период 2021-2035 во кој се предвидува стабилизирање на цените на ѓубривата.
Според СБ, Индексот на цените на ѓубривата во првиот квартал од 2021 година скокна за 24%, пред се како резултат на растот на цените на фосфатите и уреата чии пак зголемувања се водени од силната побарувачка и поголеми влезни трошоци на производство на овој тип на ѓубрива. Цената на поташа (калиум хлорид) останува стабилна како резултат на стабилноста во процесот на снабдување.
Ценaтa на диамониум фосфат (DAP) во првиот квартал од 2021 се зголеми за повеќе од 34%, додека кај тројниот суперфосфат (TSP) растот е за 38%. Ваквите промени се резултат на силната побарувачка од клучни земјоделски региони, успешните резултати на фармерите од овие земји како и силните политики на поддршка од страна на владите.
Кина како една од овие земји ја зголеми побарувачката на DAP како резултат на растот на побарувачката на добиточна храна, која пак е водена од значајното зголемување на кинеското стадо на свињи по избувнувањето на проблемот со африканска свинска чума. На страната на понудата, контратежни сили се увозните давачки наметнати од страна на САД за ѓубрива кои доаѓаат од Мароко и Русија, што допринесе за нарушување на увозот и генералните трговските текови. Цените на овие ѓубрива растат и како резултат на повисоки влезни трошоци на производство особено кај амонијак и сулфур. Се очекува цените на диамониум фосфат да останат покачени се додека не се појават нови залихи кои доаѓаат од Мароко и Саудиска Арабија. До крајот на годината дијаммониум фосфат се очекува да порасне за 44 % по што се очекува да следи намалување од -6 % во 2022 година.
Цените на азотот (уреа) скокнаа речиси за 30 % во првиот квартал на 2021 година и слично како во случајот на диамониум фосфат ова е резултат на побарувачката која е водена од подобрената профитабилност кај фармерите на клучните пазари, надополнување на понудите од пред пандемијата како и поголемите влезни трошоци во производството. Во Кина, цените на антрацит и битуменски јаглен, кои се главната суровини за кинеските производители на уреа, се зголемија во последните месеци. Во наредниот период се очекуваат нови капацитети на уреа во Азербејџан, Брунеи, Индија, Иран, Нигерија, Русија и Узбекистан. Цените на уреа се предвидува да се зголемат за 31 % до крајот на 2021 година.
Цените на калиум хлоридот се во голема мера непроменети од јуни 2020. Минатиот април, високите залихи во Кина им дадоа значителен простор на купувачите да постигнат поволни цени со белоруската компанија за поташа (БПЦ). Новите големи капацитети за поташа во Белорусија и Русија веројатно ќе го задржат притисокот на цените, но тековните геополитички тензии во регионот може да влијаат на промена на оваа ситуација. Цените на поташа се предвидува да бидат за 6 % пониски во 2021 година, пред да се зголемат за 3 % во 2022 година.
При анализа на цените на основните ѓубрива во изминатиот период од 6 години може да се заклучи дека пазарот значајно осцилира во циклус од две години. По значајниот пад на цените во 2016 во однос на 2015 година, пазарот на основни ѓубрива во 2018 година повторно забележува значаен раст на цените и истиот случај со уште поголем раст во однос на 2015 и 2020, се случува и во 2021. За разлика од анализираниот претходен период, прогнозите за движење на цените на основните ѓубрива за наредниот период од 4 години се релативно стабилни. Позначајни покачувања на цените може да се очекува после 2025 година.
Во целина, цените на ѓубривата се предвидува дека ќе бидат во просек за 27 % повисоки во 2021 година во однос на 2020 година, но веќе во 2022 година оваа состојба ќе се нормализира како резултат на предвидената умерена побарувачка, како и усогласување на производствените капацитети на ѓубрива со пазарните потреби.
Како антиципирани ризици кои влијаат на раст на цените во предвидувањата на Светска банка се наведуваат можните недостатоци во снабдувањето заради геополитички тензии и одложувања во проширувањето на капацитетите на производство на ѓубрива кај главните носители во понудата. Од друга страна како фактори кои би влијаеле на намалување на цените се наведуваат пониски влезни трошоци во процесот на производство и построгите еколошки политики кои ја ограничуваат употребата на ѓубрива.
Автор: Благоја Муканов
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.