Био-базираните производи можат да ја направат економијата поодржлива и да ја намалат зависноста од фосилни горива. Поради оваа причина, ЕУ го прогласи секторот за био-базирани производи за приоритетна област со висок потенцијал за понатамошен раст, реиндустријализација и решавање на општествените предизвици. Проценка направена од Европската комисија покажа дека био-базираните производи, како и биогоривата креираат приближно 57 милијарди евра годишен приход и 300.000 работни места. Предвидувањата беа дека уделот на био-базираните производи во целата продажба на хемикалии ќе се искачи на 12,3% до 2015 година, за до 2020 година да достигне 22%, со зголемена годишна стапка на раст близу 20%.
- Што се био-базирани производи?
Био-базираните производи се целосно или делумно добиени од материјали од биолошко потекло, со исклучок на материјалите вградени во геолошки формации и/или фосилизирани материјали. Во индустриските процеси се користат ензими за производството на основни градивни единици на хемикалии, детергенти, хартија, текстил, итн. Со употреба на ферментација и био-катализа наместо традиционална хемиска синтеза, може да се добие поголема ефикасност на процесот, што резултира со намалување на потрошувачка на енергија и вода и намалување на токсичен отпад. Бидејќи се добиени од обновливи суровини, како што се растенија, био-базираните производи можат да помогнат во намалување на СО2 и да понудат други предности како што се помала токсичност или да понудат нови карактеристики на веќе постоечките производи (на пр. биоразградливи пластични материјали).
- Политики на ЕУ поврзани со био-базирани производи
На европско ниво, политиките поврзани со био-базирани производи се опфатени во повеќе законски и подзаконски акти. На следниот линк можете да дознаете повеќе за законите со кои се регулираат овие производи:
https://ec.europa.eu/growth/sectors/biotechnology/bio-based-products_en
Биоекономија VS. Циркуларна економија
Биоекономијата го стимулира економскиот раст, одржливоста на индустриите и ја намалува зависноста од фосилни горива. Обично, кога ќе се спомене терминот „биоекономија“, најчесто доаѓа до недоразбирање и истиот се поистоветува со терминот „циркуларна економија“. За да ги појасниме работите, ќе пробаме да ги дефинираме двата поими, како понатаму не би настанувала истата грешка.
Европската комисија ја дефинира биоекономијата како „производство на обновливи биолошки ресурси и претворање на овие ресурси и текови на отпадоци во производи со додадена вредност, како што се храна, добиточна храна, производи базирани на биоенергија.
Циркуларната економија претставува регенеративен економски систем во чии рамки производните ресурси, отпадот, емисијата на отпад и одливот на енергија значително се намалуваат со успорување, заокружување и продолжување на енергетските и материјалните циклуси (животни циклуси) во производството. Циркуларната економија е економија која го менува начинот на производство – отпадот се претвора во пари и производи. Циркуларната економија, за разлика од линеарната, каде производот завршува во отпад на крајот на животниот циклус, промовира враќање на отпадот во процесот на производство како ресурс.
Извор + Фото: https://ec.europa.eu/