Климатските промени имаат сериозно влијание врз македонското земјоделство преку недостаток на вода, намалени приноси, штети врз земјоделското производство, а сето тоа влијае на сигурноста на храната и егзистенцијата на руралното население кое зависи од земјоделството.
За да одговори на зголемената домашна побарувачка на висококвалитетен семенски материјал кој е отпорен на климатските промени, Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) ја поддржува Владата на Северна Македонија да го подобри националниот систем за семе преку подобрување на домашното производство на висококвалитетни и климатски толерантни семиња на стратешки култури и јакнење на националните капацитети за да се обезбеди соодветно снабдување со семе за земјоделците.
Во тесна соработка со Земјоделскиот институт при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј’’ Скопје, формирани се демонстративни опитни полиња во Кочани и Скопје за производство, тестирање и мултипликација на квалитетен семенски материјали од неколку стратешки култури, вклучително тетовски грав, три сорти пиперки (сиврија, амфора и везен лут пипер) и житни култури.
Целта е преку демонстративните опити да се оцени влијанието на климатските промени врз производството во различни услови, како и ефектите од примената на различни агротехнички мерки за зголемување на отпорноста на одгледуваните видови кон климатските промени.
На отворањето на настанот Трајан Димковски, заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, ја истакна важноста на овој проект за зајакнување на националните капацитети за квалително семепроизводство во насока на адаптација кон климатските промени во земјоделството и поголема сигурност на храната. При што посочи дека Министерството е вклучено во подршка на спроведување проценка на националните политики за семепроизводство, дистрибуција и систем за сертификација на семе и саден материјал во државата. Од соодветните анализи на состојбата на националната политика во однос на семе и саден материјал, се очекува со поддршка на ФАО да се изготви стратешки документ за одржлив развој на систем за семе и развивање на препораки за адаптација на земјоделскиот сектор кон климатските промени кој ќе биде доставен до Владата.
Според Проф. Д-р Виктор Ѓамовски, Директор на Земјоделскиот институт Скопје на УКИМ, појавата на климатските промени и нивното штетно влијание врз земјоделството ја наметнува потребата од воведување адаптивни мерки и технологии во растителното производство. Затоа, Земјоделскиот институт во соработка со ФАО, во рамките на овој проект, ќе придонесе во развојот на нови истражувачки можности за подобрување на производството на семе, со цел подобра адаптација на земјоделството кон растечките негативни импликации предизвикани од климатските промени.
Силвана Манасиевска Симиќ, консултант за семепроизводство и проектен координатор од ФАО, истакна дека висококвалитетни и климатски-отпорни домашни сорти, добри национални политики за семе и капацитети за одгледување на нови и одржување на локални сорти – е важен чекор во трансформација на системите за храна на одржлив начин, подобрување на сигурноста на храната, адаптацијата кон климатските промени во земјоделството и поголема конкурентност.
Демонстративните опитни полиња во Кочани и Скопје помогнаа во оцена на влијанието на климатските промени врз производството во различни услови, како и ефектите од примената на различни агротехнички мерки за зголемување на отпорноста на одгледуваните видови кон климатските промени, со посебно внимание на заштитата и исхраната на овие култури, како важни предуслови за успешно земјоделско производство. Како резултат на овие активности ќе се добие квалитетен семенски материјал, што понатаму ќе биде достапен за дистрибуција на заинтересирани земјоделци.