Дали ЕУ ќе го запре извозот на забранети пестициди по јавниот притисок?

Дали ЕУ ќе го запре извозот на забранети пестициди по јавниот притисок?

 

Граѓански организации бараат од Европската Унија да го запре производството и извозот на забранети пестициди кон трети земји, кои може да се најдат во храната што се продава на пазарот на ЕУ. Според овие организации, и покрај забраната на одредени пестициди во ЕУ, европски компании продолжуваат со производство и продажба на овие пестициди во трети земји со помал степен на здравствена регулатива и регулатива за животната средина.

Во неодамнешна студија на швајцарската невладина организација Public Eye и тимот од истражувачки новинари на Greenpeace, стои дека 41 забранет пестицид бил извезен од ЕУ во 2018 година, претежно од седум земји. Исто така, според неодамнешен извештај на Pesticide Action Network EU (PAN), мрежа на европски невладини организации за одржливи алтернативи на пестициди, остатоци од 74 забранети пестициди се пронајдени во 5.811 примероци земени од храна во ЕУ, вклучувајќи го и токсичниот фунгицид карбендазим.

Ова според активистите е во спротивност со зелените амбиции на ЕУ, кои се однесуваат на намалување на употребата на штетни пестициди во Европа. Определбата на ЕУ за трансформација на начинот на производство, дистрибуција и конзумирање на храна се потврдува и со неодамна објавените документи кои се клучни за Европскиот зелен договор од аспект на земјоделството, Стратегиjaта „Фарма до вилушка“ (Ф2Ф) и Стратегијата за биодиверзитет. Во согласност со стратегијата „Ф2Ф“ ЕУ се насочува кон трговска политика која овозможува еколошка транзиција на континентот, а истовремено и глобална транзиција кон одржливи земјоделско-прехранбени системи. Во стратегијата стои дека трговската политика на ЕУ треба да се гради со задолжително поставување на одржливоста во основата на сите трговски договори.

Според активистите, пестицидите кои не се безбедни за употреба на почвата во ЕУ се ризични и за земјите надвор од ЕУ, во поглед на нивното влијание врз човековото здравје и биодиверзитетот. Она што исто така не треба во никој случај да се занемари е тоа што фармерите најчесто не се заштитени соодветно при аплицирањето на самите пестициди. Затоа активистите алармираат за потребата од итно решавање на постоечките проблеми со извозот на штетни пестициди од ЕУ во земји со послаба регулатива за заштита на човековото здравје и животната средина.

Европската агенција за безбедност на храна (EFSA) го објави годишниот извештај за остатоци од пестициди во храна од ЕУ во април годинава, и според овој извештај се исклучува сомнежот за постоење на прехранбени производи кои би можеле да го загрозат здравјето на потрошувачите.

Меѓународната трговска асоцијација на компании од агрохемиската индустрија, CropLife International, потенцира дека здравјето и безбедноста на потрошувачите и корисниците на пестициди е приоритет за индустријата, а некои од пестицидите кои се забранети во ЕУ имаат важна примена на други места, со оглед на тоа што земјоделството, штетниците и болестите се различни во различни региони. Меѓутоа, според активистите дел од храната произведена со употреба на овие пестициди завршува на пазарот во ЕУ, а како дополнителен негативен ефект е и изложувањето на фармерите во ЕУ на нелојална конкуренција.

Автор: д-р Викторија Илиева

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.