Генетски модифицирани култури: Ризици и контроверзии

Генетски модифицирани култури: Ризици и контроверзии

 

Генетски модифицираните организми се вечна тема на дебата во јавноста со дилемата дали примената во производството на храна е безбедна и здрава за човекот и природата или пак, постојат многу ризици и опасности.

Директниот генетски инженеринг е контроверзен и провокативен за интересот на јавноста уште од самиот почеток на воведување на оваа технологија. Поголем дел од неразјаснетите работи од кои што луѓето стравуваат во врска со ГМО е всушност фокусиран на ГМ храната, а не толку на самото производство на ГМ култури.

Активистите и организациите јавно изразуваат загриженост при употреба на ГМ култури од неколку аспекти. Тоа се: влијанието на ГМ културите врз животната средина, безбедност на храната, дали ГМ културите се одговор за задоволување на глобалните потреби за храна, дали овие култури се доволно достапни за земјоделците во развиените земји и загриженоста за воведување на права на сопственост врз произведените ГМ култури. Дополнително, постојат и дискусии и расправии во врска со обележувањето на ваквите продукти, разни владини регулативи и ефектите од употреба на пестициди и култури толерантни на пестициди.

Stop GMO

Огромна загриженост постои за ефектот врз животната средина од употреба на ГМ растенија. При одгледување на ГМ култури, постојат одредени видови на плевели кои што се слични со културата и може да настане нивно вкрстување. При вкрстувањето, плевелот може да ги добие истите оние карактеристики како што ги има ГМ културата, пример резистентност на хербициди, при што плевелот станува отпорен на хербициди. Конкретен пример претставува ГМ оризот (резистентен на глифосат) кој по природен пат се вкрстил со плевел. Овој хибрид имал поголема стапка на фотосинтеза, повеќе изданоци и цветови и повеќе семе за разлика од другите хибриди кои што немаат трансгенетски материјал во нивниот генетски код. На овој начин се докажува можноста за причинување на штета врз одредени екосистеми при употреба на ГМ култури.

Постои научен консензус дека моментално достапната храна која што е добиена од ГМ култури е ризична исто колку што е и конвенционалната храна, но потребно е секоја ГМ храна да биде тестирана пред пуштање во продажба. Од друга страна, поголемиот дел од јавноста не се согласува со овие тврдења и ја смета ГМ храната како небезбедна. Легалниот и регулаторниот статус на ГМ храната варира од држава до држава, каде што некои земји имаат целосна забрана или рестрикција, додека пак други дозволуваат ваква исхрана, но со голем број на различни степени на регулација. Досега во светот нема пријавено случај каде што врз здравјето на луѓето имало негативни ефекти при исхрана со ГМ храна.

Со воведување на ГМ култури во животната средина и нивно одгледување, при прва појава на било каков проблем во опкружувањето можноста да се елиминираат проблемите е минимална, скоро без никакви шанси. Исто така, хибридните видови ќе имаат поголема компетитивна предност од дивите видови и може да настане нарушување на природниот баланс.

Еден од најголемите ризици во врска со ГМ културите претставува таканаречениот хоризонтален трансфер на гени (ХТГ). ХТГ претставува стекнување на гени од туѓи организми во услови на различни надворешни влијанија. Овој процес се случува во услови кога имаме драстично менување на животната околина. Пример, пренос на гени кај одреден патоген кои што создаваат резистентност од антибиотици. Патогенот кој е резистентен на антибиотик сериозно може да наштети во процесот на лекување кај луѓето и животните. Неодамна, научни истражувања докажале дека трансгенетската ДНК во ГМ култури може лесно да се пренесе од страна на вируси и бактерии.

Автор: Марио Петковски

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

 

 

Категории: Култури