(Интервју) Лешниците, путерот и кремовите од брендот „ЗАУМ“ отвораат нови димензии на вкусови – Едноставно неодоливи!

(Интервју) Лешниците, путерот и кремовите од брендот „ЗАУМ“ отвораат нови димензии на вкусови – Едноставно неодоливи!

Соговорници во нашето денешно интервју се нашите новостекнати пријатели од Струга. „Нелкоски Органик Фуд ДООЕЛ“ е компанија која се занимава со производство на органски лешник и готови продукти од истиот. Во ова интервју разговараме со Викторија Јовческа, менаџерка на „Нелкоски Органик Фуд ДООЕЛ“. Вклучена е во компанијата од самите почетоци – уште од реализирањето на проектната апликација благодарение на која денес постои оваа компанија.

МФ: Колку време постоите на пазарот и каде е лоциран вашиот бизнис?

-Компанијата постои скоро 4 години, од март 2018-та. „Нелкоски Органик Фуд ДООЕЛ“ е мала компанија која формализира огромно семејно искуство за одгледување органски лешници. Сопственикот на „Нелкоски Органик Фуд ДООЕЛ“, г-дин Бошко Нелкоски, потекнува од семејство каде земјоделството, односно одгледувањето лешници е семеен бизнис и станува традиција. Објектот е сместен во свои згради и се наоѓа во село Драслајца, на оддалеченост од околу 5 км од Струга.

МФ: Слушнавме дека зад името на брендот „ЗАУМ“ има интересна приказна со сентиментална вредност. Ќе може ли во кратки црти да ни кажете за што се работи?

-Да, апсолутно приказната за „ЗАУМ“ е сентиментална и важна за целото наше работење. Се работи за една приказна која што ја отсликува важноста на убавиот сплет на здравата храна, традицијата и семејството. Дедо Спасе беше човек кој го пропатувал целиот свет. Но, ехото на татковината го натера повторно да се врати во родниот крај, поточно Драслајца, преубаво село близу Охридското Езеро. Неговите авантури беа причина целото село да се собере во неговиот двор и до доцна во ноќта љубопитно да ги впива приказните за петте континенти. А, какви само приказни умееше тој да сплете… Во малата, но совршено уредена градина на Дедо Спасе имаше различни сорти на дрвја. Но сепак, нему омилени му беа петте лески кои ги негуваше со посебна љубов, а неретко карактеристиките на лешникот знаеше вешто да ги искористи како метафора во своите приказни. Дедо Спасе раскажуваше дека лешникот му дава сила, енергија, но и му го варди умот, затоа и можел до доцна во ноќта да раскажува приказни, а во текот на денот да работи полн со енергија. За лешниците велел дека ги јаде ЗА УМ. Така и во семејството остана приказната – ЗАУМ.

Приказна која се пренесува од колено на колено и трае повеќе од 150 години. Дедо Спасе одамна го нема на овој свет. Но, неговата лешникова градина продолжи да живее. Денеска на истото место, на 700 метри надморска височина, во чиста еколошка средина, потхранети со енергијата на струшкото сонце се одгледуваат најубавите лешници во Македонија. За нив се грижи правнукот на дедо Спасе. Во секој мал плод на овие лески е спакувано огромно богатство од хранливи состојки, витамини и минерали. Бошко одлучи лешниците да ги сподели со светот исто онака како што пред многу години неговиот прадедо несебично ги споделуваше своите приказни. За таа цел го создаде брендот ЗАУМ. Органските јаткасти плодови кои ги одгледува во Драслајца се главната состојка на секој производ на ЗАУМ.

 

Важно е да се знае дека ЗАУМ сте вие. Заум е тегличка здравје!

МФ: Во подобро снабдените продавници и супермаркетите, веќе можеме да забележиме најразлични комбинации на кремови, путери и намази направени од различни јаткасти плодови, со различни додатоци. Што го прави вашиот производ уникатен? Која е тајната?

Она што го прави нашиот производ уникатен е тоа дека е целосно органски производ – сите состојки во нашите путери се органски. Згора на тоа, лешниците потекнуваат од наши сопствени насади со контролирано потекло, а набавката на дополнителните потребни количини ја вршиме 

само од македонски сертифицирани органски  производители на лешник. Медот кој се користи исто така е органски и со македонско потело. Увезени се само органското какао, од очигледни причини, како и органското чоколадо и кокосовото масло.

Посветуваме големо внимание на производствениот процес и со голема грижа се однесуваме на добивањето на крајниот производ. Веруваме во нашиот бренд и во неговиот потенцијал бидејќи располагаме со квалитетна почва и вода, достатно сонце кои влијаат на вкусот на нашите лешници. Се посветуваме на квалитетот и редовно експериментираме со нови вкусови. Штом постигнеме консензус за одреден вкус, тој си го наоѓа местото на рафтовите во соодветните продавници.

Главната тајна на нашите производи е љубовта! Ние произведуваме и се вложуваме во работата со труд, посветеност и љубов.

МФ: Би сакале да ја чуеме накратко вашата инспиративна приказна, како решивте да отпочнете токму со овој бизнис?

Започнавме со истражување што значи да се биде производител на лешник. Направивме посета на фарми во Турција, Италија, Грузија. После направените анализи, се уверивме дека лешникот ќе биде успешен и во Македонија. Започнавме со првата инвестиција од 5 хектари лешник. Преку проектот ПУМ со Холандската амбасада, добивме експерт од Холандија, од врвниот универзитет за агрономија Вагенинген, кој ни помогне да

развиеме оригинални идеи и да ја развиваме нашата фарма. Холандската амбасада преку овој проект ни овозможи да ја посетиме Холандија во неколку компании од каде собравме искуство и знаење за барањата за холандскиот и европскиот пазар во целина.

-Бевме охрабрени со сето ова искуство да произведуваме путер од органски лешник. Продолживме со искористување на дел од ИПАРД програмите за надградба на нашите капацитети. Во меѓу време започнавме со извоз во Словенија, па продолживме во Австрија а започнаа и подготовки за извоз во Швајцарија. Сериозен скок, морам да напоменам, за подигање на нашите капацитети како фабрика добивме значајна помош и од ФИТР. Тука успешно ги имплементиравме најголемите светски стандарди ХАССАП, ИСО 22000, ЕУ Органик, МК органик, Био Свисс, ИФС ГМ, ХАЛАЛ. Со голем ангажман на целиот менаџмент на фабриката, успеавме да обезбедиме извоз во Швајцарија, после 2 години преговори и подигање на квалитетот. Во меѓу време обезбедивме поддршка од Австриската развојна агенција и Швајцарската развојна фондација. Како компанија ги искористивме и можностите на Инвест Македонија за поддршка како и на Министерството за економија и земјоделство. Важно е да напоменам дека ние за производство користиме и сопствена електрична енергија од својата мала фотоволтаична централа која е на покривот на нашата фабрика. Со тоа уште повеќе се трудиме да го намалиме загадувањето и тежнееме кон нула отпад. Драг гостин во нашата компанија беше и амбасадорката на Швајцарија, како и голем број други национални и меѓународни поддржувачи и клиенти.

МФ: Кремовите и путерите кои ги произведувате ги има во неколку комбинации и во неколку различни пакувања. Побарувачката сигурно е голема. Дали сами ги произведувате лешниците од кои се прави финалниот продукт, или можеби дополнително вршите и откуп од други производители?

-Да, како што споменав и претходно, имаме сопствени насади. Располагаме со 11 хектари земја на којашто одгледуваме првокласен лешник. За среќа или за жал, нашето производство не е доволно за да ја задоволиме побарувачката па

вршиме и откуп од македонски производители. Клучен фактор тука е сите оние кои нѝ продаваат лешници да се сертифицирани за органско производство. Редовните контроли во лаборатории во земјава и во странство служат како гаранција дека производот е целосно органско.

Дополнително и важно е да напоменам дека ние работиме максимално за да обезбедиме поддршка на земјоделците и нашите производители. Во моментот работиме на апликација за производители каде ќе може да го следиме нивното производство  и да допринесеме

за нивната успешност. Исто така, преку проектот за поддршка на земјоделците, ние поддржуваме 15 органски производители во нивна конверзија од конвенционални во органски производители.

МФ: Дали лешниците кои ги произведувате се сертифицирани органски лешници? И ако може за нашите читатели да објасните која е процедурата за добивање на сертификат за органско произведен лешник?

Примената на добри производни практики во нашата компанија е важен елемент. Сакаме да обезбедиме сигурност за квалитет и следливост на производите за нашите клиенти. За таа цел нашата компанија ги обезбеди следните сертификати: органски МК, EU organic, Bio Suisse, ISO 22000, IFS GM, Халал и HACCP. Процедурата за сертификација е следна: избор на сертификационо тело; пополнување на апликација / барање за сертификација; разгледување на апликацијата од страна на сертификационото тело; добивање и прифаќање на понуда од сертификационото тело и склучување на договор за соработка.

. Во секој случај, најдобро е сѐ детално да објаснат сертификационите тела. Нашата фирма е сертифицирана од страна на Балкан Биосерт кои сметаме дека имаат квалификуван и високо обучен персонал и нудат квалитетни и достапни услуги. Исто така, би сакала да напоменам дека важен сертификат за производителите на лешник е и БИО СВИСС сертификатот. Со овој сертификат, на земјоделците им се отвораат вратите за извоз и во Швајцарија. БИО Свисс претставува органски сертификат но едно ниво повисоко од ЕУ органскиот. Овој сертификат бара уште пострикно 

да се внимава на производството и исто така да се остави 7% од своите насади за био диверзитетот т.е.да не се садат со ништо. Тоа е земја за природата.

МФ: Која е Вашата филозофија на функционирање? Која е филозофијата зад брендот „ЗАУМ“?

-Заум е филозофија за правилниот начин на исхрана на телото и умот. Душата на долговечноста. Длабочината на езерото и сјајот на сонцето. Синоним за премиум органски производ. Лешникот е супер храна; се вели дека редовното консумирање на лешник може да го продолжи животниот век за дури 20%. Сепак, она што најмногу воодушевува е неговата улога како храна за умот. И токму оттаму произлезе брендот ЗАУМ. А, за нас, ЗАУМ не е само здравје, тука е и огромна посветеност и љубов во целиот процес на производство од нива па се до трпеза.

МФ: Што би ги советувале ентузијастите кои сакаат да отпочнат сличен бизнис? На што да обрнат внимание? Освен производство на лешници и производи од лешници – потребно е да се обезбеди и пласман за истите. Која е вашата стратегија и визија? Како почнавте да се пробивате на пазарот?

-Ентузијастите би ги советувале од сам почеток да пробаат со органско производство и да нѐ бараат за соработка. Да засадуваат лешници кои даваат голем род, отпорни се, и зреат рано. Со тоа ќе си ја олеснат работата. Моментално би ги советувала да ја погледнат новата сорта Тонда Франческана или македонската варијација на истата сорта која започнуваме да ја одгледуваме и кај нас.

Ние сме спремни да помогнеме на секој кој има желба да започне и сме општествено одговорна компанија. На сите идни производители, би ги посоветувала да бидат упорни и постојано да се информираат за можностите за поддршка на земјоделците кои ги нудат владата но и меѓународните фондови. Освен пласман во поголемите маркети и разработката на нашата онлајн продавница ние сме извозно ориентирана компанија. Досега, нашите производи ги извезуваме во Швајцарија, Австрија, Германија, Србија, Словенија и Бугарија. Мисијата на компанијата е да креира одржлив и препознатлив бренд кој ќе поддржи нови вработувања во руралните средини, локален економски развој и заживување на истите тие рурални средини.

МФ: Кои се Вашите планови за во иднина? Како го гледате брендот „ЗАУМ“ во следните 10-15 години?

Можам да кажам дека имаме доста планови за реализација за наредниот период кои претежно се однесуваат на зголемување на продажбата преку извоз во земјите на ЕУ, како и производство и патентирање на нови производи. Исто така во моментов работиме на отворање на откупен центар за лешник и помош преку невладин сектор за преминување на производството на лешник на веќе постоечките лешникари од конвенционално во органско производство. Инвестиција во 

технологијата, зголемување на квалитетот на производството преку воведување на нови стандарди за квалитет, привлекување и реализирање на нови вработувања со што би пораснале и зајакнале како претпријатие. Нашата визија е да станеме најголемиот македонски извозник на органски производи во ЕУ, притоа задржувајќи го своето реноме како производител на висококвалитетна и здрава органска храна; да станеме најголемиот откупувач на органски лешник и да станеме синоним за здрава и храна која не прави компромис за квалитетот.

Категории: Интервјуа, Слајдер