Конференција – „Разговори со лидери – Градење на отпорни и одржливи земјоделско-прехранбени системи – предизвици и решенија за земјите од Западен Балкан”
Во организација со М6 Едукативeн центар, во партнерство со Амбасадата на Република Италија во земјава, денес ќе се одржи Конференција посветена на предизвиците и решенијата за развој на земјоделството и прехранбената индустрија во регионот.
Конференцијата „Разговори со лидери – Градење на отпорни и одржливи земјоделско-прехранбени системи – предизвици и решенија за земјите од Западен Балкан”, како што информираат организаторите, има за цел да ги предочи предизвиците со кои се соочува индустријата за снабдување со храна на глобално ниво, под влијание на корона-кризата, климатските промени и дигитализацијата, како и да понуди решенија за справување со променетите услови во производството, преработката, дистрибуцијата и побарувачката на храна, особено во земјите на Западен Балкан.
– Поради зависноста од увоз на храна, земјоделско-прехранбените системи во регионот се посебно засегнати и ранливи на глобалните текови и ваквата состојба може да предизвика зголемување на сиромаштијата во земјите, доколку овие системи не се развијат побрзо и не станат поефикасни, потенцираат од М6 Едукативeн центар.
За различните ограничувања во трговијата со храна и движењето на работниците, опасностите од затворање на капацитетите, промените во побарувачката на потрошувачите, како и финансиските притисоци во синџирот на снабдување во нашата земја и на глобално ниво, на конференцијата ќе говорат еминентни експерти и познавачи на состојбите во земјава и регионот.
Маурицио Мартина, специјален советник на генералниот директор на Организацијата за храна и земјоделство (FAO), ќе се осврне на глобалните текови, предизвици и решенија, Н.Е. Андреа Силвестри, амбасадор на Република Италија во Скопје и Стефано Вакари, генерален директор на Советот за истражувања во земјоделството и анализа на земјоделската економија (CREA), ќе ја илустрираат состојбата во Италија и ќе ги споделат со присутните италијанските искуства и добри практики. Преку свои примери, осврнувајќи се на стратешките аспекти и имплементација на новите трендови од кои зависи развојот на овој сектор и на препораките за проекти и активности кои можат да придонесат кон градење отпорни земјоделско-прехрамбени системи во земјите на Западен Балкан, ќе ги отсликаат Горан Дамовски, тим лидер во Проектот за регионален економски развој, Бобан Илиќ, генерален секретар на Работната група за регионален рурален развој во ЈИЕ (SWG), Ѓорги Петрушев, генерален директор на „Бимилк” и Светозар Јаневски, претседател на „М6 инвестиции”.
Оваа конференција е втор настан организиран во рамки на платформата „М6 Чекор напред” на М6 Едукативниот центар и e дел од Проектот за храна, земјоделство и животна средина „ААА” (Alimentare, Agricultura, Ambiente) за развој на земјоделското производство, кој е инициран и организиран од Амбасадата на Италија.