Шар Планина заштитена, ренџери ќе се грижат за ендемичните и ретки видови

Шар Планина заштитена, ренџери ќе се грижат за ендемичните и ретки видови

 

Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, на прес конфeренција посветена на донесувањето на Законот за прогласување на Шар Планина за национален парк – изјави дека е направен историски исчекор во заштитата на Шар Планина.

Територијално гледано, создадено е едно од најголемите заштитени подрачја во Европа, рече министерот Нуредини. Со поврзувањето на националните паркови „Шар Планина“, „Маврово“, „Шара“ на Косово и „Кораб-Коритник“ во Албанија се создава едно од најголемите заштитени подрачја во Европа од околу 245 илјади хектари и ќе се поттикне опстанокот на загрозените видови – балканскиот рис, дивокозата и балканската мечка, рече Нуредини.

Обврзани сме да формираме ренџерска служба и комитет за менаџирање во рок од една година – истакна Нуредини и додаде дека во рок од три месеца ќе се формира и јавното претпријатие на Националниот парк „Шар Планина“.

Министерот искажа искрени честитки кон македонските граѓани по повод новиот Национален парк „Шар Планина“, прв по 1958 година и прв од осамостојувањето на земјава. Планот за управување ќе се донесе наредната година, за што е најавена и јавна расправа. Обезбедени се пари за првата година на работа на националниот парк додека самиот не почне да остварува приходи.

Од страна на министерот беше споменато и тоа дека Попова Шапка ќе биде во развојната зона од паркот, при што беше исклучена опцијата за легализација на дивоградбите. Што се однесува до концесиите за мали хидроцентрали – беше напоменато дека стапено е во контакт со некои од инвеститорите, при што ќе се разговара за можно стопирање на изградбите.

 

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.