Австралија нема да го поддржи глобалното ”Ветување за метанот”

Австралија нема да го поддржи глобалното ”Ветување за метанот”

 

Емисиите на метан, што доаѓаат од природниот гас, рудниците за јаглен и говедата и овците, се втората најголема причина за климатските промени, веднаш зад јаглерод диоксидот (CO2).

Австралија нема да го поддржи глобалното Ветување за метанот, иницирано од Европската Унија и САД, за намалување на емисиите на метан за 30 отсто до 2030 година поради загриженоста за влијанието врз земјоделството, производството на јаглен и гас, соопшти портпаролот на австралискиот министер за енергетика. Од друга страна, Нов Зеланд, уште еден голем емитер на метан преку својата млечна и овчарска индустрија, би можел да го потпише глобалното ветување за метан.

Австралискиот премиер Скот Морисон одби да го поддржи Ветувањето за метан за да може да добие поддршка за нула емисии на јаглерод до 2050 година од помладиот партнер во коалициската влада-Националната партија, која ги претставува руралните Австралијанци, вклучувајќи ги и земјоделците и рударите.

Исклучувањето на метанот од австралиската цел за 2050 година е неопходно бидејќи намалувањето на емисиите на метан за 30 % би предизвикало катастрофа во месната и млечната индустрија и производството на гас. – изјави лидерот на Националната партија, Барнаби Џојс.

“Единствениот начин на кој можете да постигнете 30 % намалување на метанот до 2030 година е да земете пушка и да почнете да пукате во својот добиток’’ – им порача Џојс на новинарите во Канбера.

 

Категории: Вести