Негативни ефекти на ѓубрењето со минерален азот и напорите во индустријата за ѓубрива за намалување на овие штетни ефекти

Негативни ефекти на ѓубрењето со минерален азот и напорите во индустријата за ѓубрива за намалување на овие штетни ефекти

 

 

Растенијата при процесот на раст и развој имаат потреба од хранливи материи кои ги апсорбираат од почвата преку кореновиот систем. Минералните ѓубрива овозможуваат достапност на најглавните хранливи елементи (азот, фосфор и калиум) како и секундарните елементи кои му се потребни на растението. Кај почвата каде што имаме постојано производство, а не се обновуваат хранливите материи – капацитетот на производството постепено опаѓа по секоја жетва или берба.

За производство на минерални ѓубрива се користат милиони тони на материјали коишто се среќаваат во природата како што се воздухот, природниот гас и разни видови на руда. Ѓубрењето со минерален азот претставува една од главните земјоделски практики со висока емисија на загадувачи во атмосферата, почвата и водата. Оваа практика е неопходна за да се гарантираат високи приноси на културите и намалување на азот во почвата, што е поврзано со прогресивната деградација на органската материја на почвата. Еколошкото оптоварување од страна на азотните минерални ѓубрива се должи на активностите на технолошкиот потсистем (производство, транспорт, примена), на промена на некои почвени микробиолошки процеси и на вишокот кој не се апсорбира од култивираните култури.

Технолошкиот процес за создавање на азотни ѓубрива придонесува кон зголемување на јаглеродниот отпечаток на самата индустрија и земјоделството, бидејќи за тој процес се потребни огромни количини на енергија за добивање на чист азот од суровини или пак за одделување на азотот од атмосферата за да се произведе минерално ѓубриво. Покрај производството на минералниот азот, транспортот во голема мера директно придонесува кон загадување на нашата средина преку издувните гасови коишто се создаваат во прекуокеанските рути на огромни количини на азотни ѓубрива.

Негативните ефекти коишто се создадени при производството и транспортот на минералниот азот од одреден аспект се минимални во споредба со штетата која што се создава на живиот свет и екосистемите во подрачја каде што тие минерални ѓубрива се аплицирани. Општо е познато дека тие се аплицираат во скоро сите интензивни земјоделски претпријатија и кај индивидуалци коишто комерцијално произведуваат храна.

Азотот кој е со минерално потекло и е аплициран од страна на човекот, освен што позитивно делува кон надополнување на потребните количини за правилен и оптимален раст и развој на земјоделските култури во дадени климатски услови, тој подоцна негативно делува на составот на подземните води, почвените микроорганизми, животните и рибите.

Дополнително внесување на минерален азот во почвата ја нарушува размената на метан помеѓу почвата и атмосферата преку инхибирање на ензимите коишто ги користат почвените микроорганизми за врзување на метан од атмосферата. Ова е директно поврзано со додавање на амонијачни видови на ѓубрива како што е шалитрата.

Подземните води коишто содржат поголеми количини на минерален азот кој води потекло од земјоделските површини ги дополнуваат површинските води, со што се создава нарушување на балансот на водните екосистеми каде што директните последици ги трпат водните животни, инсекти и микроорганизми.

 

био-базирани ѓубрива Б-ферст

 

Бидејќи негативните ефекти на минералните ѓубрива се проверени и докажани, индустријата која се занимава со производство на ѓубрива се стреми кон создавање на нови видови ѓубрива коишто ќе создадат помал притисок врз животната средина и живиот свет. За таа цел, со помош на Европската Унија, се создадени голем број на проекти коишто ја истражуваат можноста за создавање на ѓубрива од рециклирани материи и биолошки отпад. Комплементарно на оваа тема е и проектот Б-ФЕРСТ.

Главната цел на Б-ФЕРСТ е да ја интегрира валоризацијата на био-отпадот во плановите за управување со земјоделството преку создавање на нови кружни (циркуларни) и био-базирани синџири коишто започнуваат од биолошкиот отпад. Благодарение на директната интеракција помеѓу фармерите и секторот за ѓубрива, проектот Б-ФЕРСТ има за цел да ја промени парадигмата на вештачките ѓубрива преку развивање на 8 иновативни ѓубрива: специјализираните хранливи материи ќе бидат обезбедени со прилагодено дозирање приспособено на потребите на земјоделците за да се подобри ефикасноста и одржливоста.

Приоритетите на проектот Б-ФЕРСТ се следни:

  1. Го валоризира недоволно експлоатираниот био-отпад за одржливо земјоделско управување;
  2. развива 8 нови производи за широка потрошувачка на зелени ѓубрива кои ќе се продаваат по конкурентни цени;
  3. ја намалува зависноста на суровините со замена на 15-40% со биолошки отпад;
  4. ја подобрува одржливоста на вештачките ѓубрива и нивното управување во земјоделството;
  5. ја намалува потрошувачката на вода и енергија, како и јаглеродот за 10%;
  6. дефинира упатства за сертификација и стандарди за квалитет на ниво на ЕУ;
  7.  ја подобрува економијата на земјоделците благодарение на развојот на прилагодени хранливи материи.

 

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

 

 

Категории: Вести, Слајдер