Винскиот салон Битола – Slow Wine 2021

Винскиот салон Битола – Slow Wine 2021

 

„Slow Wine салон 2021“ е дводневен настан кој ќе се одржи на 3. и 4. декември 2021 во Битола во организација на „Слоу Фуд Македонија“ со локална поддршка на „Слоу Фуд Битола“.

Салонот има за цел да ги презентира и промовира производителите на вино, кои ќе ни ги презентираат нивните вински приказни и ќе ни понудат на дегустација вина направени со страст.  На третото издание на винскиот салон „Slow Wine салон 2021“ ќе се претстават преку 30 производители, 5 дестилерии и 10 производители на деликатесни производи кои ќе бидат понудени за  дегустација на големиот број на љубители на виното и храната.

На винскиот салон ќе му претходи промоција на првото македонско издание на Slow Wine 2021“ која ќе се одржи на 3. декември со почеток во 18 часот во Кино Манаки. Се работи за  концепт граден низ годините на развој на Слоу Фуд движењето  кое од самите почетоци негува култ кон виното, последниве години го преточува во независен вински водич.

Преку водичот Slow Wine се усвојува нов пристап на вреднување и промоција на виното и го разгледува неговиот квалитет од аспект на уважување на биодиверзитетот и традиционалното производство. Идејата на Slow Wine е да ги презентира уникатните приказни за винарите, нивната страст и поврзаност со земјата, лозјата, локалните вински сорти грозје и пејзажите, традицијата и технологијата на вино, со фаворизирање на оние кои спроведуваат еколошки одржливи практики на одгледување винова лоза и производство на вино. Во првото македонско издание на Slow Wine 2021 преставени се 7 винарии и 27 вина од локални, регионални и интернационални вински сорти  кои се одраз на македонскиот тероар.

Во сабота на 4. декември Офицерскиот дом Битола за првпат ширум ќе ги отвори вратите за сите кои го негуваат култот кон виното, производители и љубители на овој божествен пијалак и ќе се претвори во своевиден „храм на виното“.

Придонесот на Слоу Фуд во развојот на винската култура преку поддршка, едукација и промоција на малите семејни винарии, кои како нов бран надоаѓаат на винската сцена е од врвно значење во промоцијата на локалното поднебје, зачувувањето на локалниот биодиверзитет во лозјата, традиционалните техники на производство на вино и зачувувањето на животната средина. Настанот е можност да им се даде видливост на младите винари, малите винарии и нивните уникатни вина.

Дознајте повеќе информации за настанот на следниов линк:
https://www.facebook.com/events/223581966557441/

 

Фото: Петкамен

Категории: Вести