Тече рокот за аплицирање за субвенции за ориз – Кои се измените?

Тече рокот за аплицирање за субвенции за ориз – Кои се измените?

Од денеска па се до 15 – ти мај, сите земјоделци кои имаат минимум 1 хектар со ориз, ќе можат да аплицираат за набавка на комбајни со сецкалица. Новата мерка наменета за оризопроизводителите во Кочани ја претставија директорите на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски и директорот на водостопанство подружница „Брегалница“ Дени Митров.

Средствата за поддршка на оваа мерка се обезбедени од програмата за рурален развој а право на аплицирање имаат сите земјоделски стопанства кои се впишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства а се индивидуални земјоделци кои се носители на земјоделско стопанство или пак се носители на земјоделско стопанство а со земјоделство се занимаваат како дополнителна дејност.
Директорот Бачовски, ги информираше присутните дека за оваа мерка може да аплицираат и сите трговци поединци и трговски друштва како и земјоделски задруги кои се впишани во регистарот на задруги.

„Аплицирањето се врши електронски преку веб страната е- baranje.ipardpa.gov.mk. Вкупната прифатлива сума по корисник е до 3.5 милиони денари а поддршката се исплаќа по принцип на кофинансирање на реализирани и исплатени инвестиции од страна на корисникот во висина од 50 % од вредноста на одобрените прифатливи трошоци. Средствата се доделуваат за период на реализација на деловниот план и се исплаќаат на годишно ниво.Ставката на кофинансирање се зголемува на 55 % ако носител е млад земјоделец од 18 до 40 годишна возраст. 60% поддршка ќе добијат сите кои работат во места со ограничени можности, 65% поддршка ги следува сите кои на денот на аплицирање имаат од 18 до 40 години и обработуваат површина во ограничени можности, додека 75 % кофинансирана сума ги следува сите кои имаат површини во недостапни средини.“- истакна Бачовски.

Директорот на Ад. Водостопанство „Брегалница “ Дени Митров, вели дека оваа мерка е добредојдена за земјоделците, и во голема мерка ќе се олесни работата при и по жетва.

„Оризопроизводителите нема да имаат потреба повеќе да ги палат остатоците од оризова слама, туку со помош на комбајнот ќе ги собираат и сецкаат. Исто така од денеска и официјално е пуштена водата за наводнување со што практично се создаваат поволни услови за раст и развој на новата реколта и на оризот но и на сите земјоделски производи. “ – истакна Митров.

Преку овие инвестиции се влијае во намалувањето на производните трошци и загубите а се помага врз зголемување на квалитетот и приближување на достигнувањето на стадардите во Европа. Агенцијата и Владата ќе продолжат да креираат мерки кои ќе го осовременуваат домашното земјоделство и позитивно ќе влијаат на конкурентноста и квалитетот на домашно произведени земјоделски култури.

Претходно беше најавено дека ќе следуваат зголемени субвенциите за ориз без задолжителна употреба на сертифициран семенски материјал, за што објави и МојаФарма.мк, а повеќе информации може да најдете на следниот линк.

Категории: Вести