Екс министерот за земјоделство Љупчо Димовски со свој поглед на нештата: Македонија влегува во фазата на гасење на земјоделското производство
Екс министерот за земјоделство Љупчо Димовски, на социјалните мрежи излезе со свое мислење во врска со моменталната ситуација во Македонското земјоделство. Во својот осврт на новиот закон за продажба на земјоделско земјиште тој вели дека со овие непромислени чекори на Владата, Република Македонија влегува во фазата на планирано и постепено гасење на земјоделското производство и производството на прехрамбени производи и дефинитивно ставање на државата во подредена и увозно зависна позиција во елементарното задоволување на пазарот со храна. Според него, вака предложениот текст на закон има многу нелогичности.
Во продолжение Ви ја пренесуваме целосната објава на екс министерот за земјоделство.
Прашање е колку во Министерството за земјоделство се свесни дека со:
– предложениот Закон за продажба на државното земјоделско земјиште,
– со преотстапување на сите информативни системи и бази на податоци со доставениот Закон за измени на законот за земјоделство и рурален развој од Министерството за земјоделство во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството, како и
– со планираното префрлање на земјоделските задруги во Министерството за економија
всушност претставува гасење на ресорното Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Наместо формирање на Управа или Фонд за државно земјоделско земјиште во состав на МЗШВ земјиштето ќе се (рас)продава преку обична комисија?! Како ќе се применува Законот за консолидација на земјоделското земјиште, како ќе се реализира Програмата за окрупнување земјоделското земјиште?
Наместо АФПЗРР да прејде во состав на министерство таа добива неверојатни овластувања со превземање на системите, базите и кадарот од министерството?!
Како министерството ќе ги креира политиките и програмите за финансиска поддршка, како ќе ја следи состојбата со земјиштето доколку го нема системот за LPIS и базите со податоци ?
Или наместо преку земјоделските задруги да се насочуваат аграрните политики тие преоѓаат во Министерството за економија …
Која и каква аграрна политика ќе креира министерството, со што и како ќе ја спроведува?
На што ќе се сведе самото министерство и конечно кој ќе управува со оваа исклучително важна стопанска гранка од економски, финансиски и социјален аспект и кој ќе ги организира земјоделските стопанства и индивидуалните земјоделски производители?
Со овие непромислени чекори на Владата, Република Македонија влегува во фазата на планирано и постепено гасење на земјоделското производство и производството на прехрамбени производи и дефинитивно ставање на државата во подредена и увозно зависна позиција во елементарното задоволување на пазарот со храна!