Иновации во синџирот за снабдување со храна – Нови бизнис и маркетинг модели
Неколку иновативни проекти тестираат ефективни и одржливи решенија за поефикасна логистика
и дистрибуција, дозволувајќи им на кратките синџири на храна да ги споделат трошоците и ресурсите и да се прилагодат на потребите на поголемите клиенти. Паметните ИТ решенија можат да им овозможат на производителите да снабдуваат различни пазари и да ги истражат и двата модели на продажба (и директна и онлајн) додека одржува блиски односи со потрошувачите. Споделувањето на знаење и вештини е од суштинско значење во развивањето на овие решенија.
Онлајн пазар за локални синџири на храна
Како поддршка на локалните кратки синџири за снабдување со храна, холандската оперативна група Food Value формираше онлајн пазар каде примарните производители, преработувачите на храна, транспортерите и клиентите можат да се организираат во заедници.
„Сакаме да им дадеме можност на земјоделците да ги продаваат своите производи на повеќе клиенти без да мора да станат големи производители. Нашата платформа е дизајнирана да ја олесни организацијата и логистиката на локалните синџири на храна, давајќи ѝ ја вредноста на локално одгледуваната храна.”
„Алатката им овозможува на производителите, преработувачите, трговците на мало и клиентите лесно да си испраќаат директни пораки или директно да се јавуваат меѓусебно. Тие можат да формираат тематски групи, на пример клиентите и производителите да споделуваат рецепти. Сопствениците на ресторани можат да формираат група со добавувачите за да разговараат за менито за следниот месец. Тие можат да разговараат за тоа што е достапно и можат да склучат договори за производите и цените. Ова придонесува за градење доверба.” – изјави координаторката на проектот Мариек Карсен.
Производителите или локални групи на храна можат да постават сопствена онлајн продавница преку платформата Food Value, која им дава пристап до контролната табла што ги прикажува сите нарачки што се направени. Овие информации може лесно да се извлечат за административни цели или за да одговараат на понудата и побарувачката. Клиентите можат да избираат производи од сите онлајн продавници од фармите на платформата. Локалниот логистички партнер ги организира нарачките и ги дистрибуира низ градот. Над 23 фармери, трговци на мало, транспортери и сопственици на ресторани помогнаа во тестирањето на порталот и придонесоа со идеи да се развие корисна онлајн алатка. Food Value сака да ја поттикне комуникацијата меѓу луѓето што ја користат платформата и да ги стимулира да работат како група.
Како нашиот регион и останатите европски земји наоѓаат начини за подобрување на синџирите за снабдување со храна? (CITIES2030)
Главната цел на проектот CITIES2030 е да создаде урбани системи за храна и екосистеми адаптирани на претстојните предизвици каде централно место ќе има човекот. Проектот CIITES2030 ќе ги обедини истражувачите, претприемачите, лидерите на граѓанското општество и сите чинители на урбаните системи за храна и екосистемите, кои заедно ќе работат во насока на трансформација и преструктуирање на начинот на производство, транспорт, снабдување, рециклирање и повторна употреба на храната во 21 век.
Како очекувани придобивки за градовите од активностите во рамки на проектот се намалување на отпадот од храна, обезбедување пристојни можности за егзистенција и безбедна храна за сите и промовирање одржливи начини на производство на храна. Визијата на CITIES2030 е да ги поврзе кратките синџири за снабдување со храна, градовите и регионите, потрошувачите, како и стратешките партнери во индустријата, граѓанското општество, стартап компаниите, малите и средните претпријатија, иноваторите, водечките универзитети и истражувачките центри преку создавање и користење на една дигиталната платформа за управување со урбани системи за храна и екосистеми базирана на блокчеин технологија.
Проектот „Ко-креирање на стабилни и одржливи системи на храна во согласност со FOOD2030“ (CITIES2030) со траење од четири години (2020-2024) e финансиран од Европската Унија преку програмата за истражување и иновации Хoризонт 2020. Конзорциумот на проектот CITIES2030 е составен од 41 партнер од 19 европски земји, а дел од партнерите се и македонската компанија АгФутура Технологии, како и македонското здружение Платформа за зелен развој.
За повеќе информации за проектот посетете ја официјалната страна: www.cities2030.eu