Од 1. јануари – Недела е неработен ден

Од 1. јануари – Недела е неработен ден

 

Собранието денеска во второ читање ги усвои законските измени за работни односи кои ја дефинираат недела како неработен ден. Тие треба да почнат да се применуваат од 1 јануари.

Прецизирани се дејностите во кои неделниот одмор може да се замени и со друг работен ден и тие по проценките се неопходни за нормално функционирање на општеството. Измените предвидуваат за 50 % поголема дневница и слободен ден за тие што ќе работат во недела, а се дел од овие дејности. За 100 % поголема дневница и слободен ден се предвидува за оние работници кои ќе работат во несуштинските дејности, што е регулирано со Законот за трговија, за кој пратениците треба денеска да расправаат.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на собраниската седница истакна дека со овие измени, кои треба да почнат да се применуваат од 1 јануари следната година, се овозможува воспоставување баланс меѓу приватниот и семејниот живот на работниците во нашата земја. Со ова законско решение, рече, 92 % од работниците ќе имаат можност во недела да практикуваат семејни, но и социјални дружења и на тој начин, како што нагласи, ќе се генерира поголемо задоволство и поголема мотивираност, која, според неа, ќе доведе до зголемување на продуктивноста во компаниите и во јавните институции каде ќе работат.

– Законското решение превидува додаток на плата од најмалку 50 % за секој изминат час на работа и ден на неделен одмор кој ќе се користи во следните седум дена. Би сакала да ве повикам сите во интерес на оние кои не гласаат и поддржуваат да го поддржиме ова законско решение и конечно по барањето на работниците, низ една широка и транспарентна дебата што ја правевме во МТСП на петте седници на ЕСС и во директни контакти и разговори со стопанските комори, ова законско решение да го види светлото на денот, рече Шахпаска.

 

Категории: Вести