Производство со контролирано движење на механизација – Многу корисна, но ретко употребувана метода
Контролираното движење на механизацијата во едно поле претставува метода на управување во растителното производство за намалување на деградацијата на почвата која што е предизвикана од тешка механизација која поминува во полето при извршување на разни агротехнички операции на поле. Предизвиканата деградација и негативните последици се добро истражувани и најчесто вклучуваат зголемена употреба на гориво, немање на квалитетен површински сеидбен слој, намален принос и намалени почвени функции во смисла на инфилтрација на вода, дренажа и слабо заробување на стакленички гасови поради компакција на почвата.
Контролираното движење на механизацијата (Controlled Traffic farming – CTF) е систем каде што движењето на тракторот и приклучната механизација се одредува на точно определени патеки. Истите патеки се користат секоја сезона и за секоја операција. Конвенционалните системи на производство овозможуваат слободно движење на механизацијата каде што за една сезона настанува компакција на почвата дури до 75% од целокупната површина на полето. Почвите не се регенерираат лесно, обично е потребно период од неколку години. Со системот за контролирано движење процентот на компакција се намалува на 15% од целокупната површина. Компакцијата не се зголемува бидејќи движењето како што е споменато погоре се одвива по постојани и веќе дефинирани линии.
Линиите се паралелно поставени една спрема друга и ова е најефикасен начин за постигнување на контролирано движење. Линиите може да бидат посеани со култури или да бидат чисти, но тоа зависи на голем број од променливи фактори и најчесто се одлучува според состојбата на полето.
Овој систем може да се постигне на било која големина од полето, но за да се создадат што помал број на патеки треба да се земат предвид неколку работи:
- Работната ширина на секоја приклучна механизација треба да се совпаѓа една со друга;
За исполнување на овие барања потребно е навремено планирање на набавка на механизација. Доколку моменталната механизација не може да биде вклопена, треба да се осигураме дека набавката на наредната опрема ќе одговара на поголемиот дел од приклучната механизација. Фармерите обично порано или покасно одлучуваат за користење на механизација со поголем распон, бидејќи намалената деградација на почвата создава поволни услови и орање и подлабока култивација на почвата е непотребна. - Ширината на тркала треба да биде иста на секој трактор и механизација;
Поклопување на ширината на тркалата од секоја механизација претставува проблем за цела Европа, бидејќи ширината на комбајните е секогаш поголема за разлика од било кој трактор или приклучна механизација. Доколку усогласувањето е невозможно настанува компакција на 20% од почвата, но сепак поголем дел од фармерите во северните делови од Европа се одлучуваат за овој систем поради големите придобивки кои ги нуди. - Тракторот и механизацијата секогаш треба да се движат по претходно дефинираните линии при извршување на операции за секоја наредна сезона;
Ова најлесно се постигнува преку користење на системи за навигација и автоматско управување кои се базираат на ГПС системи и РТК сигналот за корекција. Општото прифаќање на овие технологии го намалува преклопувањето на оперативната површина на приклучната механизација. При третирање на посевот со прскалка, преклопувањето може да изнесува 5% од целосната површина, а при култивирање на почвата со култиватори со широк распон преклопувањето може да изнесува и до 10%. Сето ова може да се избегне со користење на едноставен систем за сателитска навигација на тракторот.
Главните придобивки при користење на контролирано движење на механизација се:
- Подобрен принос, особено е изразено во екстремно сушни или влажни сезони
- Намалени трошоци за една вегетациска сезона преку:
- Намалена потрошувачка на гориво
- Намалена побарувачка за моќност, односно трактор со помала големина може да ја врши истата работа
- Побрзо извршување на агротехничките операции
- Подобрено здравје и функција на почвата:
- Подобрена порозност (повеќе простор за вода и воздух)
- Подобрена инфилтрација (намален потенцијал на ерозија и поголема достапност на вода за растенијата)
- Подобрена дренажа која го намалува задржувањето на водата
- Подобрено воспоставување на кореновиот систем и ефикасно користење на достапните хранливи материи
- Подобрен пристап до полето
- Во ситуација на големи врнежи и влажна почва преку веќе одредените патеки тракторот може полесно да се движи бидејќи на таа површина има огромна компактност на почвата и се избегнува заглавување на механизацијата во влажната почва.
Иако овој систем е сеуште во својата почетна фаза и е послабо имплементиран од страна на произведувачите, концептот е познат уште многу одамна. За прв пат е воведен од страна на Александер Халкет во 1850-та година и од Давид Долер во 1970-те години.
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.