Што претставува биолошка контрола на штетници?

Што претставува биолошка контрола на штетници?

 

Биолошка контрола претставува корисното дејствување на голем број паразити, патогени и предатори при управување со штетните инсекти во едно земјоделско производството. Биолошката контрола е единствено возможна преку користење на горенаведените организми кои се т.н. „природни непријатели”. Тоа е важна компонента во борбата за намалување на популацијата и последиците на штетниците. Паразитите, патогените микроорганизми и предаторите се примарната група која се користи во биолошката контрола на инсекти.

Паразити

Паразити се организми коишто живеат и се хранат од штетникот. Тие можат да бидат развиени на надворешниот дел од инсектот или пак да бидат навлезени во внатрешноста на инсектот. Најчесто неразвиените форми од паразитот се прикачени и се хранат од домаќинот-штетник, додека пак развиените форми на паразити, како на пример разните видови на оси што ги напаѓаат белокрилките, се хранат и подоцна ги убиваат домаќините-штетници. Овие два механизма претставуваат голема предност во контролата на популацијата на одредени штетници. За подобро разбирање на терминологијата, паразити претставуваат организми кои што се хранат но не ги убиваат домаќините бидејќи немаат никаква корист од изумрена единка, додека пак во нашиот случај за биолошка контрола, попрецизен термин е „паразитоид” кој има паразитирачка улога, но на крај го убива штетникот кој сакаме да го контролираме. Повеќето паразитоидни инсекти припаѓаат на групата муви (ред Диптера) или оси (ред Хименоптера).

Патогени микроорганизми

Природните непријатели од овој тип вклучуваат одредени бактерии, габи, нематоди, протозои и вируси кои можат да ги инфицираат и убијат штетните инсекти во земјоделските системи. Во природата голем дел од популацијата на некои пајачиња, гусеници и други безрбетници е драстично намалена од страна на патогени кои што веќе се наоѓаат во еко-системите и тоа обично во услови на зголемена влажност или пак кога имаме прегуста популација на штетници. Некои од корисните патогени кои што се наоѓаат во природата се изолирани и сега се достапни како комерцијални продукти за користење во заштитата од штетници.

Предатори

Предаторите за време на нивниот животен век можат да бидат помалку или повеќе ефикасни, односно се мисли на тоа колкава количина од штетните инсекти може да биде намалена преку дејството на предаторите. Оваа група е сочинета од голем број на видови и тоа: влекачи, птици, цицачи и инсекти. Пример, пајаците се хранат исклучиво со помош на инсекти. Нивното присуство во едно земјоделско производство може значително да допринесе кон создавање на баланс помеѓу популациите на корисните и штетните организми и последователно значително подобрување на приносот и зголемувањето на економската вредност на крајниот продукт.

биолошка контрола на штетници

Фото: moonwoods.com

Правилно препознавање на природните непријатели

Правилната идентификација на штетниците, како и разликување на штетник од природен непријател е есенцијално за создавање на ефективна биолошка контрола. Внимателно треба да се набљудуваат вошките и другите инсекти кога ќе ја утврдиме нивната присутност. Доколку најдете вошки на опачината на листот потребно е со помош на лупа да ги увидите нивните карактеристики. Лупите кои зголемуваат од 20 до 60 пати лесно можат да се најдат и нарачаат од интернет. По пронаоѓање на инсектот за негова идентификација потребно е да користите извори од литература или пак да се консултирате со експерт за точно утврдување. Пример, предаторските пајачиња во принцип се поактивни и поголеми од оние кои што причинуваат штети во производството и се со многу помала популација.

Овој текст служи како вовед во искористувањето на природните непријатели за контрола на штетници и тимот на Моја Фарма во следниот период ќе се фокусира на детално објаснување на различните видови кои што ќе ви помогнат во намалувањето на трошоците за заштита и подобрување на сопственото производство.

 

Автор: Марио Петковски

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

 

Категории: Едукација, Култури